Нови шест лесни оклопни возила од типот JLTV денеска беа презентирани во касарната „Јане Сандански“ во Штип во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, амбасадорката на САД, Анџела Агелер, министерот за одбрана Владо Мисајловски, заменик министерот за одбрана Елфет Исмаили и генерали од Армијата.
Мисајловски истакна дека соработката со нашиот стратешки партнер САД добива на интензитет.
„Лесниот пешадиски баталјон од 2026 година ќе треба да биде подготвен за упатување на операции и мисии во случај на потреба. За да биде оваа единица подготвена и опремена, ние заедно со САД и останатите сојузници даваме максимален напор за тренинг, обука, едукација, и се разбира модернизација со нова современа опрема која е компатибилна согласно НАТО стандардите. Во согласност со договорот Влада со Влада помеѓу Македонија и САД денеска ги промовираме новите шест пристигнати возила кои се наменети за оваа единица“, рече Мисајловски.
Посочи дека нашата Армија располага со 38 вакви возила, а согласно договорот до крајот на 2025 година треба да стигнат и останатите 58 возила, како и сите оклопни возила „страјкер“ што се 42 и кои ќе бидат наменети за развој на лесната пешадиска баталјонска група и тимовите за специјалните операции.
Амбасадорката на САД, Агелер истакна дека и претставува чест што овој настан се случува веднаш по одржувањето на НАТО-самитот, а како што рече „ова е уште еден доказ за пријателството со Република Северна Македонија, како и посветеноста и жртвите коишто државата ги прави“.
„Во име на САД, во име на претседателот на САД, нашата Амбасада и Влада се разбира, дозволете ми навистина да се заблагодарам за тоа што вие и вашата држава ги почитува обврските коишто ги презема. И нема подобар доказ од овие лесни оклопни возила JLTV коишто дојдоа тука и би сакала да кажам дека лично имав можност да се уверам во нивните способности и да се возам во нив, така што можам да кажам дека навистина беа удобни“, рече Агелер.
Премиерот Мицкоски во своето обраќање истакна дека во периодот што следи партнерството со САД продолжува во делот на соработката помеѓу двете армии и ќе се надгради, но не само во Министерството за одбрана.
„Ќе се обидеме тоа да го пресликаме и во другите министерства, како што е МВР, но и онаму каде што е потребна современа опрема за да можеме да одговориме на предизвиците на новото време. И тие предизвици не мора да се само воени. Гледате што се случува поради екстремно високите температури ова лето и пожарите коишто секојдневно се случуваат. Потребна ни е модернизација и во тој дел, во делот кога треба да се управува со кризите и со кризните состојби“, рече Мицкоски.
Забележа дека на нашата земја најитно и се потребни современи модерни летала, авиони или хеликоптери коишто ќе бидат во функција и на МВР.
„Знам дека Министерството за одбрана е веќе во фаза на еден таков процес на набавка на такви воени летала хеликоптери. Потребни ни се дронови, потребно ни е рано детектирање, превенција за да не дојде потоа до ескалација, а таа ескалација може да доведе до несогледливи последици. Така што очекувам во периодот којшто следи како Влада да се фокусираме и на овој тип на осовременување и модернизација, да не биде тоа само за офанзивни или одбранбени причини, туку да биде и за транспорт, справување со кризни состојби како оваа што е со пожарите“, истакна Мицкоски при денешната посета во касарната „Јане Сандански“ во Штип.