(ФОТО- Центар за современи уметности) Центарот за современи уметности денес постави инсталација во Порта Буњаковец, во форма на стапица за глувци, на која се испишани дезинформации околу вакцинацијата.
Авторот на уметничката акција е Љубиша Камењаров чија намера е да ја покаже примамливоста на антиваксерските лажни вести, на кои „паѓаат“ граѓани кои не се во состојба да препознаат лажни вести.
Дезинформациите кои беа побиени вклучуваа тоа дека вакцините предизвикуваат аутизам и стерилитет, дека содржат токсични материи, дека природниот имунитет е подобар од вакцинирањето и многу други.
„Акцијата „Стапица за антиваксери“ е посветена на борбата со лажните вести и дезинформациите кои се однесуваат на вакцините и на тој начин претставуваат сериозна закана по јавното здравје на секој од нас. Антиваксерското движење секојдневно јакне во Македонија и регионот, и тоа главно како резултат на лажните вести и дезинформациите поврзани со вакцините, кои секојдневно ги преплавуваат социјалните мрежи и онлајн просторот. Поразителниот резултат можевме да го видиме и оваа пролет, кога Македонија беше соочена со сериозна закана од експлозија на епидемијата на болеста Големи сипаници или попозната како црна или магарешка кашлица“, велат од Центарот за современи уметности.
Инсталацијата е дел од низата уметнички акции на групата „Урбани уметнички акции“, преку кои македонски уметници активно се вклучуваат во борбата против лажните вести и дезинформациите.