Дрво падна врз жена кај поранешна „Нова Македонија“. Жената е на скопските клиники и не е во животозагрозувачка состојба.
Како последица од силниот ветер дрво падна и кај Веро Џамбо, па направи проблем за возачите затоа што се блокираше улицата.
Паднати дрвја, блокирани улици и оштетени автомобили, ова е епилогот по денешното невреме во главниот град.
Од Општина Центар информираа дека тие веднаш ги пријавиле паднатите дрвја до ЈП Паркови и зеленило, а на нив останува да расчистат.
Во Центарот за управување со кризи добиени се повеќе пријави за штети предизвикани од невремето.
Паднати се 16 дрвја, оштетени се три возила, регистрирани се седум откачени кабли од бандери, три кровови се оштетени, како и регистрирана е повреда на едно лице, соопштија од Центар за управување со кризи.
Скинати кабли од бандери предизвикаа пожар кај депонијата „Вардариште“. На местото интервенираат возила од Пожарната единица.
Невреме проследено со силен ветер, дожд и град, попладнево ја зафати Битола. Во центарот на градот силниот ветер урна дрво кое оштети автомобил, паднати се и билборди, а во градскиот парк има искршени гранки од дрвја.
Пред невремето на околните ридови избувнаа 2 пожари во непосредна близина на градските населби. Екипите на територијалната противпожарна единица интервенираа на двете локации, а дождот помогна пожарите да се стават под контрола.
Од Општина Битола информираат дека Штабот за заштита и спасување е ставен во целосна функција и со својата оператива дејствува на терен.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) најавуваат дека попладнево и во текот на ноќта на повеќе места ќе има нестабилно време со пороен дожд и грмежи.
Во текот на изминатата недела исто така имаше силни невремиња кои предизвикаа големи штети.
Тамара Марковска