Мислам дека и мандатарот кажа – ќе имаат преку 88 пратеници, дека треба да имале 600.000 гласа, оти е легитимно да се смени законот за локална самоуправа и дека не потреба да се оди на избори, рече професор доктор Борче Давитковски, во вечерашната „Топ тема“, за постоечките тројца градоначлници од три различни партии кои ќе одат во извршната власт.
„Што би рекле нашите – „Сложни калуѓери во петок мрсат“. Тие сигурно ќе имаат 88-90 гласа, но се поставува прашање дали е тоа уставно или не. Според мене, тоа е неуставна работа. Образложението е дека ќе има трошоци, нема резон да се малтретираат граѓаните, трошоци ќе се прават, итн. Законот за локална самоуправа е јасен. Ако во рок од шест месеци замине градоначалникот, тогаш еден од советот може да го замени како в.д. Овде имаме дупло повеќе термин, што е противуставно“, смета Давитковски.
Тој образложи два аспекта зошто е противуставно.
„Прво, согласно уставот, член 114, право е на граѓаните да се организираат во локалните заедници и да избираат свои претставници. Не на политичките партии. Кај нас стана мода политичките партии да го супституираат тоа право што е на граѓаните и да кажат „тоа е наше право“ и сега кажуваат некои бенигни причини – „еве трошоци, ќе чини милион, два милиона евра, граѓаните ќе се малтретирале“. Да се разбереме, секоја демократија чини. Ако е така предвидено, така треба да биде. Тоа е една повреда на уставот, односно правата на граѓаните во локалната заедница се повредени. Они гласале за еден субјект кој што станал градоначалник и на тој субјект му дале мандат. Ако тој ја напушти градоначалничката функција, тоа значи дека треба да се распишат избори. Вториот аспект на повреда на уставот е дејството на законот. Согласно уставот, законите кога ќе се донесат, се применуваат во иднина, не ретроактивно, освен ако се поповолни за субјектите“, истакна Давитковски.
Според него, Уставниот суд, по допрен глас, може да реагира дека е загрозено право на граѓаните за локална самоуправа, што е уставно загарантирано право и второ ретроактивно дејство на законот што ќе биде и со времена мерка да стопира, односно да го укине законот и да инсистира актуелната владеачка структура да спроведе регуларни избори за тие три општини.