Вести Култура Топ вести

Лидија Димковска лауреат на наградата „Роман на годината“ за книгата „Единствен матичен број“

Нашата писателка со словенечка адреса, Лидија Димковска, за романот „ Единствен матичен број“, во издание на  „ Три“, е добитничка на наградата „ Роман на годината “ , што ја доделува Фондацијата „ Славко Јаневски“. Зад оваа одлука стои петчлено жири, со кое претседаваше ланскиот лауреат, писателот и академик , Влада Урошевиќ. Читајќи го образложението за одлуката, тој кажа дека романот на Димковска поседува обележја на актуелната стварност и мошне индивидуализирана посебност.

  • Димковска се зафаќа да ја претстави , во сета нејзина трагика , едната од индивидуалните и колективните судбински состојби , толку карактеристични за нашата епоха: ситуацијата на егзилот. Присилното губење на татковината , на родниот дом, на делот од сопственото постоење , проникнато со безброј врски кои го спојуваат поединецот со неговото потекло, добива во романот на Димковска своја конкретна , мошне индивидуализирана посебност, рече Влада Урошевиќ- претседател на жири комисијата.

Пресреќна за наградата, Лидија Димковска кажа дека таа и е своевидна трета среќа, откако во минатото со романите „ Скриена камера“ и „ Резервен живот“, двапати била во потесниот избор . А , за наградениот роман „ Единствен матичен број“, рече дека е фикција која црпи од документаристиката.

  • Во овој роман многумина ќе се препознаат затоа што , како што истакна професорот Влада Урошевиќ, во него постои онаа пустелија која што ние ја носиме и во себе. Меѓутоа и нашиот свет во глобална рамка се стреми кон таа пустелија. Се стреми слепо кон таа пустелија.Наместо да ја напушти , практично сака да се всели во неа, кажа Лидија Димковска- добитничка на наградата „ Роман на годината“.

Годинава наградата „ Роман на годината “ се доделува по 25 пат и сега го има своето важно значење, кажа извршниот директор на Фондацијата „ Славко Јаневски“.

  • Моето чувство е дека станува збор за награда што ја сакаат луѓето. Награда што ја сакаат издавачите, награда што ја сакаат авторите, награда што ја сакаат читателите, рече Ѕвездан Георгиевски- извршен директор на Фондацијата „ Славко јаневски“.

Наградата се состои од плаќета, статуетка и паричен износ од 150 илјади денари, а ќе и биде врачена на Димковска во мај , на свечена академија во Драмски театар.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Чуварите во прилепскиот затвор масовно „се разболеа“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе