Култура

Арбен Шаќири : Неопходните хонорарци ќе се вратат на работа во МКЦ по изборите

Согласно законските прописи , по завршување на изборниот процес хонорарно ангажираните лица кои се неопходни за редовно функционирање на Младинскиот културен центар , повторно ќе бидат во работен ангажман. Ова е ставот на директорот Арбен Шаќири искажан во соопштение, во врска со бурата реакции во јавноста, откако на 1 март тој не ги продолжи договорите на 30 хонорарци, со што дел од активностите на МКЦ времено запреа. Како што тогаш известија вработени од установата, така и сега Шаќири објаснува дека одлуката ја донел врз основа на известување од ДКСК , која сугерира во изборниот процес да не се потпишуваат договори што ќе го оштетат буџетот, согласно членот 8- а од Изборниот законик.

  • Апсолутно не станува збор за своеволна еднострана одлука за прекин на договори, туку се работи исклучиво за придржување и почитување на законските прописи, согласно Изборниот законик кој стапува на сила од денот на распишување на претседателските и парламентарните избори 2024 година. Би сакал да ве известам дека веднаш по завршувањето на изборниот процес и во моментот кога истото ќе биде дозволено според законските прописи, хонорарно ангажираните лица кои се неопходни за редовното функционирање на институцијата повторно ќе бидат со работен ангажман, вели во соопштението директорот на МКЦ, Арбен Шаќири.

Тој нагласува дека ниту еден настан од програмата на МКЦ и според предходно потпишаните договори, не е откажан. Ги отфрла како неосновани обвинувањата дека на установата и е ставен клуч и вели дека таа останува отворена за сите . Прашува, како претходните раководства на МКЦ и совети на Град Скопје дозволиле установата да се доведе во позиција без трајно да се регулира статусот на времено анжажираните лица. Директорот објаснува и дека  упатиле официјален допис до ДКСК, со цел да се добие мислење за понатамошно дејствување. А, од таму се уште не добиле одговор. Од ДКСК вчера за Телма соопштија дека по сопствена иницијатива ќе отворат предмет за случувањата во МКЦ, со цел утврдување на фактичката состојба и носење соодветна одлука.

Отпуштањето на хонорарците, дел од вработените во МКЦ го толкуваат како неискуство на директорот. Тие во дописот од 1 март наведоа дека поминале многу изборни циклуси во кои ангажирале хонорарци, но не ги исплаќале од Буџетот на установата кој доаѓа од Град Скопје или од Министерството за култура, туку од средствата што МКЦ сам ги остварува, во што преку работата биле вклучени хонорарно ангажираните лица. А, за заклучоците од денешниот состанок на Синдикатот, од МКЦ најавија известување за утре.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

МНТ со праизведба на „Хенгинг Араунд“, а Драмски театар со премиера на „Хеда Габлер“

Дејан Дејан

Борба на највозвишеното и најниското во човекот, на отворањето на „Мајските оперски вечери“

Дејан Дејан

Диана Добрева: Културата е патот преку кој Бугарија и Македонија можат да се сплотат

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе