Државната комисија за спречување корупција ќе оформи предмет по сопствена иницијатива за случувањата во Младинскиот културен центар. Тоа е одлучено на колегиумот одржан вчера, се вели во дописот од Комисијата.
– Постапувајќи согласно Законот за спречување на корупција и судир на интереси и Деловникот за работа, ДКСК ќе ги преземе сите дејствија за утврдување на фактичката состојба и носење на соодветна одлука, се вели во дописот од ДКСК.
Иницијативата на ДКСК доаѓа откако на 1 март, 30 хонорарно ангажирани лица во МКЦ беа отпуштени, со што запреа активностите на установата до крајот на изборниот циклус. Директорот Арбен Шаќири не ги продолжил договорите на хонорарците зашто добил известување од ДКСК, во кое се вели дека за време на изборен процес е противзаконски потпишувањето договори со кои се злоупотребува буџетот. Но, во соопштението од вработени во МКЦ кое стигна истиот ден, е наведено дека установата поминала многу изборни циклуси и ангажирала хонорарци, согласно законските насоки, така што не биле исплаќани од буџетот на МКЦ кој доаѓа од Град Скопје или од Министерството за култура, туку од сопствени средства на установата што хонорарците преку работата ги спечалиле. Иако ги прашавме, од ДКСК не одговорија дали во изминатите изборни циклуси кога ангажирал хонорарци, МКЦ го прекршувал Изборниот законик, а немаше одговор ни на прашањето дали веќе ги побарале документите за предметот што го отворат.
Состанокот на синдикалната организација на МКЦ, на кој требаше да се разговара за информирање на надлежните институции за проблемите со кои се соочуваат, поради немање кворум е одложен за утре.
Зошто не се продолжени договорите на хонорарно ангажираните кога не задираат во буџетот, дали Шаќири одбил да ги продолжи договорите и покрај сугестиите да го стори тоа откако дошол за директор, кому му одговара МКЦ да не прави профит кога има финансиски проблеми, се прашањата кои му ги испративме на директорот, но одговори нема втор ден по ред.
Шаќири минатиот месец го отстрани препознатливиот белег на МКЦ- стихот „ Ние сме од Скопје“, од фасадата на објектот . Иако најави, и тогаш не добивме одговор зошто е сторено тоа.
Сотир Трајков