Емисии Код Македонија Топ вести

КОД: Објавена потерница за Шеваљ Муареми и на уште 7 членови на Дуќанџик

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција се пресели во нова зграда, а дали принудно ќе во земјава ќе се пресели и главниот бос на криминалната група Дуќанџик, Шеваљ Муареми. Просториите на обвинителството се нови, а битката е стара.

По месец дена откако беше сузбиена криминалната група, инволвирана во недозволена трговија со дрога и убиства ликот на Муареми осамна на сајтот на МВР во потрагите по исчезнати лица. Се бара со меѓународна потерница.

А каде се крие Муареми? Она што веќе го знаеше јавноста го потврди и шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази.

„Во комуникација сме со властите од Дубаи за Шеваљ. Ќе се бара негова екстрадиција“, рече Абази.

Муареми, како што пишуваше претходно КОД заминал во Дубаи со целото семејството веднаш по убиството на неговиот другар и исто така водач на групата Јетон Кривањева Жила во Шиша бар во скопската стара чаршија.

Дека Шеваљ е во Дубаи сведочат и неговите објави и фотографии на социјалните мрежи.

До адресата на Министерството за правда не е стигнато се уште барањето за негова екстрадиција, велат оттаму за КОД.

Постапката за екстрадиција од оваа земја од Обединетите Арапски Емирати е иста како сите други постапки за екстрадиција со една единствена разлика. Барањата за екстрадиција се упатуваат преку МНР. Ова не е случај само со Дубаи.

„Со нив немаме билатерален договор и не се членки на Конвенциите на Обединетите нации кои покриваат широк спектар на дела, како што се транснационален и организиран криминал, корупција, недозволена трговија со дрога, трговија со оружје, луѓе. Доколку овие Конвенции не го опфаќаат кривичното дело за кое е распишана меѓународна потерница се применува принципот на реципроцитет“, соопштија од Министерство за правда за КОД.

Со потерница се бараат уште седум лица, осомничени дека се членови на неговата група Дуќанџик од родното село на Шеваљ -Грчец. Второосомничениот 50-годишниот Дритон Ибиши е во Каталонија, во притвор за друго кривично дело. Ќе се бара и негова екстрадиција. Со години живее во Барселона, а неодамна бил во посета на Македонија.

И заменикот на Шеваљ кој раководел со групата во земјава, Мухамед Далипи викан Руди се бара со потерница. Најверојатно е во Косово.

А додека се пишуваа нивните потерници, се запали кафе барот Барон, кој го носи истото име со ривалската криминална група. Со тврд предмет, тројца маскирани лица најпрвин ја кршат влезната врата на објектот. Со туба во рацете двајца од нив влегуваат внатре. Стража надвор чува водачот. Набрзо ја потпалува течноста со запалка. За малку спасува жива глава од огнените јазици. Се се случува за половина минута.

Само неколку часа подоцна се случува убиство. Застрелан е таткото на Гани Туша, осомничен за учество во убиствата во Шиша бар. И во уште едно убиство исто така на поранешниот водач на Дуќанџик, Орхан Бајрами Оки на Халкидики.

Телото на убиениот Зељќиф Туша е најдено кај скопско Блаце.  Го пронашол неговиот брат Насер Туша кој е вработен во МВР, во интервентната полиција. Семејството Туша има кафе бар на неколку десетици метри оддалеченост од запалениот објект Барон.

„Се постапува за откривање на сторителите и за проверка на евентуална поврзаност на двата настани“, соопштија од ОЈО.

Дали пресметките со ова добија нова димензија и данокот започнаа да го плаќаат и членови на осомничените криминалци, одговорите ќе треба да го даде обвинителството. Засега сторителот на убиството е непознат. Познато е дека Гани Туша е припадник на групата Барон која соработува со Беланоца. Тие веќе подолго време се во војна со Дуќанџик за превласт на скопскиот нарко пазар.

Единствениот жив лидер на „Беланоца“, Фатљум Ајети-Тоте пресметките ги следи од затворот Идризово. Друштво таму му прави и еден од лидерите на Барон, Јусуф Аќифи.  Името на другиот водач на Барон, Бедри Зекири, кој порано се презивал Бериша, стана актуелно кога лани се најде на листата на помилувани осуденици на претседателот Стево Пендаровски.

Од кабинетот на претседателот се правдаа дека казната му била намалена само за шест месеци. Извршил 2 кривични дела – убиство во обид и учество во тепачка. Вкупната затворска казна му е 4 години и 11 месеци.

Во меѓувреме Апелација ја потврди 11 годишната казна затвор на Тоте за недозволена трговија со дрога и оружје.  А како се засили желбата за крв меѓу нив. КОД веќе во неколку емисии пишуваше за нивната историја.

Марија Митевска

Прилогот е емитуван во изданието на КОД „Тексас во Соравиа кај Дрин Ахмети, нов газда на Еуростандард и крвавото насилство на скопските банди“ кое беше емитувано на 03.03.2024.

 

 

 

 

 

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Чуварите во прилепскиот затвор масовно „се разболеа“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе