Вести Економија Македонија Најважни

Потрошувачите бараат замрзнување на цените, владата калкулира

Српските граѓани од среда ќе може да купат 20 основни животни производи по многу пониски цени, македонските власти сè уште работат на новиот пакет антикризни мерки.

Инфлацијата во август била 8,3 отсто, но храната е уште повеќе поскапена.

Граѓаните се жалат дека едвај врзуваат крај со крај. За да купат едно се откажуваат од друго. Државната статистика покажува дека тие купуваат за 13 отсто помалку прехранбени производи од лани. Упростено кажано, ако лани купувале 7 килограми месо, оваа година купуваат еден килограм помалку.

Организацијата на потрошувачи бара замрзнување на цените.

„Не мерки од типот на намалување на маржите како што беше претходно, бидејќи тоа не даде голем резултат, туку мерки во смисла намалување на цените и замрзнување на цените на основните животни продукти со цел да се намали инфлацијата и граѓаните да ја преживеат претстојната зима којашто навистина ќе биде тешка. Имаме предвид дека сега децата почнаа на училиште, ќе има потреба од греење, значи барем овие основни животни продукти, за да можат да преживеат граѓаните, да бидат намалени и цените да бидат замрзнати“, вели Татјана Тасевска од Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Тасевска вели дека се потребни построги контроли за да нема големо поскапувања кога цените ќе се одмрзнат.

„Сметаме дека сега се премногу високи и дека се остваруваат профити и на бизнис секторот. Мислам дека треба да се направи согледување и да се замрзнат цените на ниво коешто нема да го уништи бизнисот, но ќе бидат поволни за граѓаните“, вели таа.

Владата смета дека цените неоправдано растат и обвинува дека трговците прават огромни профити на сметка на граѓаните, но не презема мерки против тоа.

Српските власти најави дека 20 основни животни производи од среда ќе се продаваат по 20 до 40 отсто пониски цени, како мерка за справување со инфлацијата. Пониски цени ќе има за салама, јогурт, млеко, тестенини, компири, сок, зачини, кафе, шампон за бебиња, детергент за садови…

Министерот за финансии Фатмир Бесими најави дополнителни 74 милиони евра во буџетот за деветтиот пакет антикризни мерки, но мерките сè уште не се соопштуваат.

„Владата работи на 9-тиот пакет антикризни мерки со кој дополнително ќе се оди со таргетирани мерки до крајот на годината за поддршка на најранливите категории“, вели Фатмир Бесими, министер за финансии .

Според последните податоци од 2020 година, секој петти жител на Македонија, односно околу 400 илјади луѓе, живееле во сиромаштија, покажува државната статистика. Со огромните поскапувања од изминатите две години, тој број сега е веројатно многу повисок. Секое трето дете под 17 години живее во сиромаштија.

Срѓан Стојанчов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Чуварите во прилепскиот затвор масовно „се разболеа“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе