Вести Македонија Топ вести

Убиецот од Куманово претходно имал 5 кривични пријави и две условни пресуди за семејно насилство кон сопругата која вчера ја уби

Пет кривични пријави за семејно насилство и најмалку две условни пресуди имало против кумановецот кој вчера си ја уби сопругата, нејзината мајка и се фрли од прозорец за да не биде уапсен од полицијата.

Тортурата која ја вршел кумановецот врз неговата сопруга и нејзината мајка започнала пред 10тина години.

Да, има пријави за семејно насилство против Д.Ј. и секогаш од страна на СВР Куманово се преземени мерки и активности. Во периодот од 2013 до 2023 година од страна на СВР Куманово до надлежното ОЈО Куманово има поднесено 5(пет) кривични пријави против Д.Ј. по член 130 ст. 2 од КЗ на РСМ, сите извршени врз лицето Е.А.. ни изјави Тони Ангеловски од МВР.

Од сите пријави, Телма најде две пресуди од 2014-та. Кумановецот Дејан Јовановски прватаусловна казна ја добил затоа што ја претепал сопругата бидејќи тврдел дека го научил тригодишното дете да зборува лошо. Тогаш ја претепал и бабата која истотака ја уби вчера.

Бил осуден на условна казна од три месеци затвор која ќе ја издржи ако стори ново кривично дело во рок од една година.

Во тој рок повторно ја претепал жртвата на улица, брутално ја удирал и и го скршил носот. Тоа се случило во мај 2014-та година и судот повторно му изрекол условна затворска казна.

Судија во кумановскиот суд дури како олеснителна околност навел дека Јовановски бил неосудуван иако имал првостепена условна затворска казна изречена во истиот суд само неколку месеци претходно.

За другите кривични пријави нема податоци за пресуда.

Драгана Дрндаровска од Коалиција Маргини истакна дека има преблаги казни кон сторителите а тоа резултира со јасна порака за жртвата, но и за насилникот да го повторува семсјното насилство.

,,Тука очигледно е дека потфрлиле институциите, и она што сега треба да го направат институциите е да поведат дисциплински постапки или постапки за кривична одговорност. Да утврдат  кој е тој кој не постапил како што треба и да следат соодветните постапки. Бидејки станува збор за ситуација за која како што ме информиравте имаме две условни осуди,Тука очигледно одговорноста е на судството. Една осуда има 2013, другата 2014.Во овој случај кога сторителот го повторил делото, судот требал да ја отповика условната осуда и да ја стави во ефект затворската казна’’ истакна Драгана Дрндаровска.

Станува збор за семејство од вонбрачна заедница кои имаат две малолетни деца Децата сега се предадени на роднините. Во ЦСР Куманово семејството било евидентирано, а биле пријавени и два напади врз жената. Во 2020-тата жртвата после се откажала од пријавата. Година дена подоцна повторно имало напад. Во јуни 2021-ва, била раскината вонбрачната заедница, а судот издал 6-месечни мерки за забрана на приближување.  како корисници на услуги .

„По 2 месеци по втората пријава жената -жртва на насилство се јавува во ЦСР и пријавува семејно насилство од страна на партнерот по што таа одлучила да ја раскине вонбрачната заедница и да продолжи да живее со двете деца и својата мајка во нејзиниот стан додека сторителот на насилство  откако првично бил задржан во МВР не се вратил во нивниот дом. Истиот ден ЦСР испраќа предлог до Основниот суд за изрекување на привремена мерка за заштита од семејно насилство по што Основниот суд Куманово има донесено Решение на предлог на ЦСР со кое на сторителот на насислтво му се изречени привремени мерки:

-Забрана да се заканува дека ќе стори семејно насилство

-Забрана да ја малтретира, вознемирува, телефонира, контактира или на друг начин директно или индиректно комуницира со жртвата

-Забрана да се приближува на растојание помало од 100 метри до живеалиштето каде што престојува жртвата, училиштето, работното место или определено место кое редовно го посетува жртвата.,,одговорија од Центарот за социјални работи во Куманово.“ ни одговорија од Центарот за социјални работи во Куманово.

(локација на злосторството на улица Лесковачка во Куманово)

Мерките поминале, а проблемите престанале. Привремено.

Се до вчера кога насилникот се вратил во станот и со тврд тап предмет ги убил поранешната сопруга и нејзината мајка. Помалиот 8-годишен син бил заклучен во собата. Второто дете било кај роднини во Србија.

Убиството се случило во текот на ноќта, а убиецот останал покрај беживотните тела и заклученото дете цела ноќ и претпладне. Поради крикови и врескање на детето, соседите пријавиле семејно насилство.

 Полицијата стигнала пред вратата, а убиецот прво со нож се бодел по телото, па се фрлил низ прозорецот. Тогаш е обиена вратата и детето е спасено. Истрагате е во тек. Кривична одговорност за убиецот нема да се презема, а останува да се види дали ќе бидат откриени и санкционирани пропусти кај надлежните.

Двете деца се предадени на згрижување кај роднини односно кај нивната тетка.

Марија Коцева

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ситуацијата во Нова Каледонија е релативно мирна по пристигнувањето на 1.000 полицајци

Дејан Дејан

Уапсениот врховен судија Наќе Георгиев е однесен во полициска станица

Дејан Дејан

Се прегласува на седум гласачки места – изборен молк на полноќ поради прегласување за парламентарните избори

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе