Вести Култура Топ вести

„Кајмак“ на Манчевски на „Сараево филм фестивал“ и на уште четири фестивали

Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски ќе биде прикажан на 29. Сараевски филм фестивал во програмата „Open Air“, каде што ќе присуствува и дел филмската екипа. „Open Air“ ќе се одржи под отворено небо во Стари Град (Вијеќница), а филмовите, како што велат организаторите, ќе бидат прикажани на најголемото филмско платно во регионот. Проекцијата на „Кајмак“ е закажана на 17 август.

Покрај најновото дело на Манчевски, во програмата се уште 14 филмови меѓу кои и „Астероид Сити“ на Вес Андерсон, „Паднати лисја“ на Аки Каурисмаки, „Бакнете ја иднината“ на Ненад Чичин Шаин, продуциран од Мет Дејмон и Бен Афлек, како и „Навистина никогаш не беше тука“ на шкотската режисерка и сценаристка Лини Ремзи, која ќе го добие почесното признание „Срце на Сараево“.

„Кајмак“ наскоро ќе има и американската премиера, во рамки на 33-тиот фестивал „Синеквест“ во Калифорнија од 15 до 30 август. Се работи за еден од најголемите независни фестивали на американскиот континент, а специфичен е по програмата што поддржува иновативни и креативни уметнички дела.

Се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силиконската Долина. Пред три години на овој фестивал, филмот  „Врба“ на Манчевски ја доби наградата Најдобар филм и беше претставен како „филм што нема да го заборавите“.

До крајот на август и почетокот на септември,  „Кајмак“ ќе биде прикажан на уште четири фестивали: 36. Филмски фестивал во Херцег Нови, каде на покана на фестивалот ќе присуствува дел од филмската екипа; „Avant&Una“ во Бихаќ, Босна и Херцеговина; i-Fest во Калабрија, Италија, каде ќе бидe прикажанa и ретроспектива на опусот на Манчевски, и во главната конкуренција на фестивалот „Балкан панорама“ во Измир, Турција.

Во јуни „Кајмак“, кој е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж,  премиерно беше прикажан во Копенхаген.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе