Директорот на Битолската болница, Александар Обединковски, ќе поднесе оставка на функцијата.
Тој за Телма потврди дека утре ќе ја официјализира оставката која ја поднесува од морални причини.
Обединковски, нецела година по назначувањето се повлекува по двете големи трагедии што се случија во Клиничката болница во Битола за само 20 дена, смртта на 6 годишната Јана која почина на Детското одделение по примена инфузија и новороденчето кое почина вчера два часа по раѓањето.
Утре во Болницата ќе се спроведе вонреден инспекциски надзор за да се утврди дали е направен пропуст при породувањето на 24 годишната битолчанка, која според лекарски извори вчера имала тешко породување, а бебето било извлечено со вакуум, во лоша здравствена состојба, со бавни отчукувања на срцето, а обидите на лекарите за негова реанимација беа безуспешни.
Телото е предадено на обдукција за да се утврдат причините за смртта.
Според извори на Телма, родилката имала уредна бременост, а се јавила на преглед и ден претходно, но без породилни болки и била испратена дома.
Сега е хоспитализирана на Гинеколошкото одделение, каде ја посети и министерот Фатмир Меџити.
„Утре од Државен здравствен и санитарен инспекторат ќе пратиме комисија од инспектори и ќе утврдат што била причината. Како што видов од првичниот извештај, било живо родено со брадикардија. Имало белодробно срцево оживување и понатаму се ќе кажеме кога ќе имаме дефинитивно и резултати од институциите одговорни за здравство“ , рече министерот Меџити.
Министерот денеска не сакаше да соопшти детали за случајот и дали има сомнеж за евентуална лекарска грешка, но рече дека доколку има пропусти ќе има и одговорност.
„Службите ќе откријат и ќе излеземе со конечен извештај. Ако има пропуст ќе има и одговорност. “ – рече Меџити.
Министерот денес потврди дека се уште не е готов обдукционито наод за 6 годишната Јана, кој се очекува и во Обвинителството.
Откако ќе се комплетира медицинската документација, јавен обвинител ќе донесе одлука дали ќе се покрене обвинение за лекарска грешка.
По сите скандали во болницата која се соочува со сериозен недостиг на лекарски кадар, Меџити немаше конкретен одговор за овој проблем, но рече дека ќе се бара решение, за да не се случуваат вакви немили настани.
Емилија Мисирлиевски