Вести Култура Македонија

ОФФест откажан, нова жртва на годишниот конкурс во Култура за проекти од национален интерес

(Дизајн на Зоран Кардула, преземено од СЏФ)

Со плакат кој наместо да кани публика за јунскиот фестивал, украсен со морбидна порака “откажано” Скопскиот Џез Фестивал објави дека го откажува годинешното издание на ОФФест

-Доделените милион денари за ОФФест на Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата, скратени за половина од минатогодишната сума, не овозможуваат ни најминимални финансиски услови за одржување на ОФФест (предвиден од 7 до 10 јуни) како (повеќедневен) фестивал. За жал, по 21-годишна убава фестивалска традиција, не ни останува друг избор, го почнува известувањето СЏФ.

Од здружението објаснуваат и како државните институции постапуваат со нивните жалби поради што нема ни да се жалат на одлуката.

-Немаме намера да поднесуваме жалба до второстепената комисија и да се изложуваме на натамошни понижувања, кои и со поддршката често ги имавме со Министерството за култура во изминатите години. Лани, на пример, вложивме жалба на 1 март, ОФФест се одржа на почетокот на јуни, а одговор на жалбата (се разбира негативен) добивме на 19 септември. Ние знаеме дека на овој конкурс имаме приложено исклучително квалитетни апликации и дека средствата што биле на располагање во оваа дејност не биле намалени во споредба со минатата година, соопшти СЏФ.

Велат “немаме намера да ја коментираме Годишната програма, која, според Законот за култура, ја донесе министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, ниту пак да се впуштаме во некакви споредбени анализи.”

-Тоа е наполно бесмислено сè додека квантитетот на одобрените проекти е замена за оценката што е, а што не е, национален интерес во културата, според критериуми и квалитет, со конечно напуштање на популизмот и антиевропските политики во културата, присутни во Годишната програма, велат од Скопскиот Џез Фестивал кои велат дека не треба да се изненадиме од третманот на актуелната министерка за култура со кратењето на средства и за ОФФест но и за Џез Фестивалот наесен.

-Особено ако ја имаме на ум нејзината изјава дека културните проекти во иднина ќе мора да водат повеќе сметка за својот „забавен карактер“. Во што ОФФест и Скопскиот џез фестивал очигледно тешко се вклопуваат. Но, не е наше да се бавиме со ликот и делото на министерката, заробени во скафандер, и со нејзиното педигре во културата. Се знае чија должност е тоа, коментира организаторот на откажаниот ОФФест.

-Се разбира, еден министер за култура не мора да знае сè. Ништо – не е опција. Партијата, во улога на Господ тука не може да помогне. Ако во конкретниот случај на министерката не ѝ се познати долгогодишниот програмски растеж и континуираниот висок квалитет на фестивалите како ОФФест и Скопскиот џез фестивал, јасно признаени кај нас, а уште повеќе во светот, има за тоа на дофат опсежни материјали во самото Министерство, како дел од апликациите по годишните конкурси и програмските и финансиски извештаи, заклучуваат од СЏФ.

На ОФФест додаваат “му останува обврската да го реализира, заедно со уште 11 еминентни европски фестивали, четиригодишниот проект „Sounds of Europe”, поддржан од Европската Унија (преку програмата „Креативна Европа“). Овој проект, меѓу другото, ќе им овозможи гостување на македонските музичари на бројни европски сцени.”

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кои се пратениците кои ќе му се придружат на Мицкоски?

Дејан Дејан

 „ Парови “ во Драмски театар, за љубовта како жртва на проекциите на луѓето за себе си

Дејан Дејан

Израел одговара пред Меѓународниот суд на правдата за геноцид- Јужна Африка бара судот да нареди прекин на огнот во Газа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе