И покрај серијата порази во битката со УЕФА, идејата за организирање на Супер лигата очигледно не се губи. Претставникот на компанијата која го поддржа првобитниот план сега промовираше нов план за одржување на елитното фудбалско натпреварување.
Ако во првиот обид планот беше да се организира натпреварување во кое ќе партиципираат 12 екипи, сега во обид да се привлече што е можно поголем број на приврзаници се предлага во Супер лигата да партиципираат дури 80 клуба.
Претставникот на компанијата А22 Спортс Менаџмент, Бернд Рајнхарт во интервју за весникот Ди Велт истакна дека до овој предлог е дојдено по консултација со 50 клубови од Европа. Тој тврди дека ФИФА и УЕФА немаат право да го блокираат формирањето на Супер лигата и дека двете организации го злоупотребуваат законот за конкуренција што важи на територијата на земјите кои се членки на Европската унија.
Според новата идеја на секој клуб му се гарантираат 14 натпревари и дека тоа ќе биде отворено натпреварување кое нема да влијае врз календарите во националните првенства. За да се привлечат што е можно повеќе клубови Рајнхарт гарантира и големи приходи кои ќе се распределуваат во зависност од постигнатите резултати.
Тој најави и дека во Лигата ќе има строги правила за контрола на трошоците на клубовите и дека таа ќе се базира исклучиво врз приходите, а не на прилив на капитал по различни основи.
ФОТО: Игор Паневски
