Вести Култура

Комисијата за односи со верските заедници на предновогодишен прием за првпат го додели признанието „Вељо Манчевски“

Во организација на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) на синоќа (21. 12. 2022) во малата сала на Македонската филхармонија се одржа традиционалниот Свечен предновогодишен прием насловен „Вера посилна од секоја криза“. За време на свеченоста во присуство на државниот и верскиот врв за прв пат беше доделено нововоставеното највисоко комисиско признание „Вељо Манчевски“.

Пред присутните се обрати Претседателот Пендаровски, кој во својот говор истакна дека „во кризни ситуации е највидливо колку сме мали и немоќни и колку, и како поединци и како заедница, ни се потребни меѓусебната почит и разбирање. Во вакви тешки времиња, на луѓето најмногу им треба утеха, солидарност, верба и надеж, а верските храмови се честопати местата каде црпиме смисла за тоа. Таму се мотивираме да продолжиме понатаму и по најстрмните животни патеки. И во лошо и во арно, верата е чест придружник на многумина од нас… Тоа што на едно место денеска се собрани верски поглавари и највисоките државни претставници испраќа порака дека сме обединети околу истите цели: мир, здравје, радост и подобар живот за сите граѓани. Во годината која изминува, за жал се соочивме со нови искушенија и со длабока светска енергетска и економска криза, која има разорни ефекти врз нашата и онака кревка економија. Иако пиковите на пандемијата на Ковид-19 се зад нас и светот малку здивна, се случи енергетска и економска криза, како резултат на руската агресија врз Украина. Сето ова негативно влијае врз нашите животи, психа, амбиции и планови, а истовремено ја зголемува сиромаштијата врз најранливите категории. Како што кажува и насловот „Вера посилна од секоја криза“, ниту едно премрежие, опасност, тешкотија, криза од каков било интензитет и карактер не можат да го уништат верувањето како фундамент на човековото постоење.

– Дека не е се така црно околу нас потврдуваат и вашите активности во верската сфера во 2022 кога сведочевме дека верските заедници и религиозните групи и одделно и заедно во групите работеа посветено за реализација на своите мисии. Тоа е охрабрувачка порака која отвора нови перспективи и дава надеж за подобра иднина затоа што само за заеднички сили и солидарни можеме полесно да минеме низ времињата на кризи и да имаме достоинствен и исполнет живот, изјави Пендаровски.

Во рамки на настанот годинава за прв пат беше доделено и нововостановеното признание „Вељо Манчевски“ за особен придонес во верската сфера на правни и физички лица кои кои со својот ангажман, активност и долгогодишен труд трајно оставиле значајни траги и се вградиле во развојот и продлабочувањето на различни значајни сегменти во верската сфера.

Во продолжение на настанот честа да ја објави Одлуката бр. 02-526/1 од 12.12.2022 година со која се востановува признанието му припадна на организаторот на Свечениот прием – Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, кој заблагодарувајќи се на големиот интерес и присуство на настанот на присутните, во својот поздравен говор истакна дека „Само општествена заедница која ги вреднува трудот и делото на истакнатите поединци може вредносно да расте. – Да ги инспирираме младите да црпат пример од вистинските луѓе кои се вградиле во јавното добро преку своето дело, но и секоја генерација на тој начин да изнедрува нови поединци кои ќе носат нови позитивни времиња.“ – нагласи Даријан Сотировски.

По поздравниот говор директорот Сотировски го додели највисокото годишно комисиско признание. Востановеното признание го носи називот „Вељо Манчевски“, името на Првиот верски референт на Македонија од 1943 година, раководител на Верското поверенство при Главниот штаб на Партизанските одреди на Македонија, учесник во НОБ и член на АСНОМ, свештеник и човек кој го има поставено темелот на односот на државата со црквите и верските заедници, меѓуверското разбирање, соработка,  дијалог и почитувањето на верските слободи и права на секој македонски граѓанин.

Признанието „Вељо Манчевски“ за оваа година беше доделено на:

  • Г-дин Доне Илиевски (постхумно) – за особен придонес во јакнењето на Комисијата и односите на државата со верските заедници;
  • Протојереј Ставрофор г-дин Спасе Стефановски- за особен придонес во организирањето на македонските црковни општини во Австралија;
  • Проф. Др. Хасан Џило- за особен придонес во исламската наука и образование;
  • Н.Е. Амбасадор др. Иван Ангелов- за особен придонес во развивањето на односите со Светата столица;
  • Проповедник г-дин Михаил Цеков- за особен придонес во развојот на ЕМЦ и меѓуверската соработка;
  • Меморијален центар за холокаустот на македонските евреи- за особен придонес во чувањето и негувањето на историјата и културата на еврејската заедница;

На крај образец од признанието беше доделено и на почитуваното семејство Манчевски, на наследниците на протоереј Вељо Манчевски, чие име го носи признанието во знак на почит  и сеќавање на неговите заслуги за народот, црквата и државата.

Од името на сите добитници и од свое име  како највозрасен благодарствено се обрати ставрофорниот протопрезвитер Спасе Стефановски, кој заблагодарувајќи се посочи дека наградите се стимул и мотив и за идните млади генерации да чекорат по патот на вистинските вредности.

Свеченоста заврши со настап на Архиепископскиот брас квинтет.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе