Вести Култура Македонија

Рамбо Амадеус за Телма: Во еден кус период, од некои 100 години, ќе биде полошо – но потоа ќе биде подобро

Еден од најкреативните музичари во некогашна Југославија, Антоније Пушиќ, подобро познат како светскиот мега цар, Рамбо Амадеус, по подолга пауза заради Ковид пандемијата утре повторно ќе одржи концерт во Скопје, во македонската филхармонија, заедно со ЗЏМ Биг Бенд.

Пред концертот, со Рамбо Амадеус разговараше Нина Стефанова.

Прашање: По подолг период по пауза од речиси две години поради пандемијата повторно концертна атмосфера. Велите сега излегувањето на сцена има посебна важност и повеќе не е рутина. Каков е сега предизвикот и во што се разликува од она порано ?

Oдговор: Од две причини. Пред Ковидот мојот извор на приходи беше само музиката, само свирев и тогаш имав впечаток дека јас свирам , музицирам, затоа што морам, затоа што сум глупав и неспособен за што било друго. Како морам да свирам и здраво. И тоа вршеше на мене некаков притисок. Веројатно затоа што свирев многу често. Јас свирев 30 до 40 концерти годишно. И тоа беше премногу за мене, затоа што секогаш се обидувам да бидам различен. Но кога тоа толку често го правиш тоа преминува во рутина. А потоа во текот на короната се занимавав со рекламни кампањи, да смислувам копирајтови и тоа ми одеше добро и тогаш си докажав дека можам да живеам многу убаво без концерти и на почетокот уживав, убаво живеев, година и половина како супер,  таман малку да одморам, но по две години сфатив, дека јас многу повеќе сакам да свирам отколку што бев свесен. Но штом почнав веднаш ми стана досадно да го работам другото, кои се многу подобро платени. 

Прашање: Вашата нова песна „Под ротација“ загатнува социолошки аспекти. Имајќи предвид дека деновиве и во Македонија тоа е актуелна тема, за која надлежните институции молчат, па може да се каже повеќе информации имаат медиумите. Но што разоткрива феноменот на оваа песна доколку говориме за социолошките аспекти, за психоконституцијата на тие личности кои се дел од сето тоа или го премолчуваат тоа ?

Одгoвор:Тоа е едноставно, тоа е механизам. На пример диктаторите не се раѓаат, ниту едно бебе не се родило и да кажат „А ова ќе биде диктатор“. Диктаторите ги создава полтронската средина. Однесувањето на тие деца на политичари. Знаете во Шведска политичарите одат со велосипед, во Данска, премиерката на Финска оди на журка и се враќа пеш.  Тоа е култура, ние се уште сме општество кое не е доволно развиено и тоа мора да си го признаеме. 

Прашање: Велите дека ова на кое сведочиме денес во регионот е всушност симулација на демократија. Многу често голем број дипломати кои ќе дојдат во земјава се уште ги имаме проблемите со корупција и дека борбата со корупцијата се учи од најмала возраст. Каков е Вашиот став ?

Одговор: Подобно тло за корупција е кога имаш државен капитал, кој се краде на сите возможни начини. Но оној миг кога се е приватно и водовод и канализација, имам една таква песна, и патиштата и електродистрибуција и кога ама баш се е приватно, тогаш е тешко некого да го корумпираш. Тешко е нели ? Она што е феномен на Балканот денес, во светот имаш бизнисмени кај кои се парите и целиот бизнис и имаш политичари. А на Балканот сега ни се случува да имаме политичари кои станаа многу богати и всушност кај нив е капиталот.

Прашање: Вие често пати реагирате колку е важна екологијата и дека е примитивно да не се размислува за сето тоа и што е она кое ќе го оставиме како животна средина на идните генерации. Дали можеме да говориме дека денес свеста е на повисоко ниво ?

Одговор: Ние живееме во едно општество на индивидуалци, секој живее за себе. Тоа може да го видите на полна крстосница, кога луѓето се буткаат. Без оглед што не може да помине, се бутка за секој случај. А општесвената свест е една повисока свест. Се разбира дека на капитализмот како таков  му одговара да се развива индивидуалната свест, а  да закржлави општествената.Слабее преговарачката позиција на работничките синдикати, затоа што колку солидарноста меѓу луѓето е помала … погледнете ги минималните плати колкави се на Балканот, се е тотална катастрофа колку се мали платите и колку луѓето живеат бедно. Но и понатаму тие исти работници,  јас се уште не сум видел никогаш генерален штрајк на Балканот. Во Шведска во 1933 -та година кога раководител и удри шлаканица на една работничка во фабрика цела Шведска излезе на генерален штрајк. Јас никогаш не сум видел генерален штрајк, а тоа е така  дека нема солидарност.  Затоа што луѓето си велат „мене ми е добро, што има да бидам солидарен со некој што не му добро“. И тоа се учи, ние таа фаза ја прескокнавме во социјализмот.  Кога дојдов во Македонија, тоа го има и во Црна Гора и во Србија. Тебе ти доаѓа дете од 7 или 8 години да ти продаде нешто или да ги измие стаклата и ние мислиме затоа што тоа е слика која ја гледаме често, дека тоа е нормално. Тоа во Германија и Англија го имало пред 200 години. Треба да се биде свесен дека тоа не е нормално. 

Прашање: Во време во кое живееме време на економска криза, време на енергетска криза, културата, уметноста е ставена на маргините. Меѓутоа можеме да говориме за естрадизација на културата. Кои се причините ?

Одговор: Тоа е исто ракопис на либералниот капитализам. Порано медиумите беа едукативни, во социјализмот и сите кои растевме во социјализмот, ние бевме навикнати медиумите да бидат едукативни. Денес медиумите станаа пазарни (комерцијални), ги задоволуваат најниските вкусови и тоа заради профит. Тоа е едната причина, а втората причина е што полесно е да се манипулира со луѓе кои се помалку образовани. И затоа се стимулира таа естрада која всушност е јавач на апокалипсата, првобитна тврда акумулација на капиталот која сега тука се случува. Може само да се очекува дека во тој нареден период ќе биде полошо и полошо, а не подобро и подобро.

Прашање: Вие сте песимист ?

Одговор: Не, не сум песимист. Во еден кус период ќе биде полошо, на пример во следните сто години, а потоа ќе биде подобро. 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

Израелците најавија одговор кон Иран, официјален Техеран со порака – „да не сте помислиле“

Дејан Дејан

Две убиства во рок од пет дена, уште една женска жртва во Косово

Дејан Дејан

Идната Влада да ја прифати новата систематизација или ќе стапиме во штрајк предупредија од синдикатот на Македонска Пошта

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе