Култура

Артопиа ја освои наградата „ Биш“, за претставата „ Глумици“ на годинашниот МОТ

Независната театарска група Артопиа, ја освои наградата „ Биш“, за претстатавата „ Глумици“, на 47 издание на Интернационалниот театарски фестивал „ Млад отворен театар“, кој завршува на 19 ноември. Артопиа е добитник на наградата, востановена за прв пат од фестивалот годинава, а победата ја освои во конкуренција со уште 7 домашни претстави. Зад одлуката стои меѓународното жири во состав: Јанко Љумовиќ- продуцент и професор од Црна Гора, Рок Вевер- историчар на танцот и куратор од Словенија и Наташа Гвозденовиќ- новинарка и театарска критичарка.

  • Отворено колективната театарска претстава „Глумици“ има карактеристики, кои ја прават исклучителна. Нејзината вистинитост доаѓа од одлуката на актерките и актерите, своите работни и животни искуства да ги театрализираат, а нејзината ефикасност доаѓа од вештината, начинот на кој искуствата ги претвораат во исклучително прецизно структурирани, поентирани и духовити мали драми, кои ја надминуваат биографската текстуалност и со својата непретенциозна бруталност се артикулираат контекстуално и трансиндивидуално  како критика на (културниот) системот, се вели во одлуката за наградата „ Биш”.

Од името на наградените актери од Артопиа, се обрати Кристина Леловац.

  • Многу му благодарам на МОТ за просторот и за воспоставувањето на оваа награда , која што го носи името на еден од најважните луѓе за независната сцена, кај нас. И му благодарам на жирито за тоа што ни ја додели наградата за оваа елаборација која барем малку го навестува недостатокот на комуникација која што се одвива и надвор од сцената, за она што го работиме. Тоа е многу важно. Мислам дека можеби е поттик за сите нас да размислиме за некои форми, како и да разговараме за она што го работиме. Многу ми е драга зашто сакаме да веруваме дека жирито прави разлика помеѓу условите во кои работиме ние на независната  културна сцена , од оние кои работат во институционалните театри, кажа Леловац.

Наградата е статуетка во форма на роза, како што Љубиша Никодиновски -Биш фрлаше рози на сцените со години при отворањето на фестивалските изданија, паричен дел во висина од 3000 евра и во копродукција со МОТ, Артопиа ќе подготви  нова претстава за следниот фестивал, во 2023.

Во продолжение спонтано беа евоцирани спомени за Љубиша Никодиновски – Биш, еден од најзаслужните за формирањето на МОТ, негов  долгогодишен програмски директор и селектор, кој почина летово на 73 годишна возраст, по долго боледување .

  • Кога ние помладите студенти дојдовме на Филозофскиот факултет, Биш беше веќе при крај или скоро дипломиран. И тогаш го запознав. Тој беше една фигура која шета, ама како нешто да го чеша. Биш го запознавме така, како да сега од џебот ќе извади нешто и ќе се случи некаков настан. Потоа дознавме дека  на испитите одел во тога или како Диоген, шетал со свеќа и барал човек. Од идеите на тоа битефовско време се разви МОТ и Биш беше на вистинското место, рече Ѓунер Исмаил.
  • Да не се заборави дека на иницијатива на Биш беше формирана македонската секција на Меѓународниот театарски институт . Таа и денес функционира. Се сеќавам беше на една голема маса од повеќе маси составена, зад тогашниот Дом на млади , денес МКЦ и таму се формираше. Од тој момент МОТ стана интернационален фестивал и доаѓаа многу убави претстави, кажа Љубица Арсовска, главен уредник на списанието „ Културен живот“.
  • Се сретнавме во Театарот кај Свети Никита Голтарот. Тој беше од првата, а јас од втората генерација актери. Беше активен и во еден весник што се викаше „ Фокус“, на Социјалистичката младина на Скопје. Биш беше од оние што се залагаа да се срушат институциите. Тој беше многу активен и политичен во неговите настапи. По повеќе години се формира „ Зелената гуска“ и Биш беше ангажиран на повеќе работи. Тие претстави имаа долг живот, рече сценографот Крсте Џидров- Џиби.

Во име на помладата генерација се обрати режисерката Зоја Бузалкова. Таа кажа дека му се заблагодарила на Биш во повеќе наврати за можностите да гледа алтернативен театар од регионот, за претставите на МОТ од Словенско Младинско Гледалишче , кои и отвориле нови перспективи за читањето на театарот и за претставата „ Трите животи на Луси Каброл“, на театарот Комплисите, која според Бузалковска немало да дојде во Скопје без досетливоста на Љубиша Никодиновски – Биш.

Сотир Трајков

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

МНТ со праизведба на „Хенгинг Араунд“, а Драмски театар со премиера на „Хеда Габлер“

Дејан Дејан

Борба на највозвишеното и најниското во човекот, на отворањето на „Мајските оперски вечери“

Дејан Дејан

Диана Добрева: Културата е патот преку кој Бугарија и Македонија можат да се сплотат

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе