Култура

Милка Ефтимова : Операта е прозорец кон поубавото во ова време на предизвици

Во пресрет на 25 Октомври- Светскиот ден на оперската уметност, Македонскиот центар при Интернационалниот театарски институт- УНЕСКО, ја лиферува домашната порака по повод празникот, чија авторка годинава е нашата оперска примадона Милка Ефтимова. Во пораката, меѓу другото, Ефтимова вели дека операта е прозорец кон поубавото и попријатното во ова време на многу предизвици во светот.
– Бидејќи операта, како најкомплексна и најсложена уметничка форма се создава и се восприема само со љубов, тогаш, состојбата на човековиот дух преминува во друга димензија, во која моќта на оперската уметност може негативната енергија да ја трансформира во позитивна, невозможното да го претвори во возможно и апстрактното да го направи конкретно. Едноставно, да ја промени реалноста. Токму затоа, во овие времиња кога човештвото се соочува со многу предизвици, за сите оние кои живеат и дишат со оперската музика, токму таа претставува нивниот најголем прозорец кон поубавото и попријатното, вели Ефтимова во пораката по повод Светскиот ден на операта.
Таа посакува во иднина, оперската уметност како производ на творечката имагинација на голем број великани од музичката историја и современост, преку изведбите во живо на актуелните уметници, но и преку снимените аудио и видео изданија на сите оние кои ги овековечиле своите интерпретации, уште повеќе и многу посилно да допре до човековото срце и што подлабоко да продре во човечката душа.
Милка Ефтимова ( алт и мецосопран), беше првенка на Македонската опера, со немерливо вреден влог  во развојот на нашата оперска уметност и култура. Со успех настапуваше дома, на оперските сцени во поранешна Југославија и во странство, реализирајќи бројка од вкупно 157 настапи во кариерата. Незаборавни се нејзините интерпретации на насловната улога во операта „ Кармен“ , од Жорж Бизе, со кои ја освоила и македонската и публиката во светот. Добитничка е на многу значајни награди и признанија, а своето искуство и знаење за соло пеењето несебично го споделуваше на генерации ученици и студенти на ФМУ и МБУЦ „ Илија Николовски- Луј “ , во Скопје и во Средното музичко училиште во Штип.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Борба на највозвишеното и најниското во човекот, на отворањето на „Мајските оперски вечери“

Дејан Дејан

Диана Добрева: Културата е патот преку кој Бугарија и Македонија можат да се сплотат

Дејан Дејан

Бојаџиевска: Дубравка Угрешиќ не можеше да ја поднесе бруталната комерцијализација на уметноста

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе