Македонија Најважни

Работниците од „Водовод“ со ултиматум до градските власти: Нема да поправаме дефекти, ако не го разрешите директорот

Блокади и штрајкови – ова го најавуваат работниците од градски „Водовод“, отворајќи ѝ нов фронт на скопската градоначалничка Данела Арсовска. Синдикатите бараат разрешување на директорот Митовски, кој на функцијата е само месец и половина. Се заканувал на вработени, најавувал нова систематизација во претпријатието и отпуштања на работници – за ова го обвинуваат од Сојузот на синдикати. Дел од вработените во Водовод, за Телма брифираат дека добивале задолженија кои не се според Договорот за работа и на возрасни инженери кои се пред пензија им се делеле работни задачи како за почетници.

„Сојузот на синдикати на Македонија заедно со репрезентативниот синдикат за комунални дејности СУТКОЗ е пред вратите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, со една цел – да му упатиме јасна порака на в.д. директорот Марјан Митовски дека уште неседнат, не може да се изживува со нас работниците и вработените во „Водовод и канализација“ – Скопје. Доколку истиот директор не биде разрешен до среда, ние како синдикат најпрво ќе блокираме, а потоа ќе стапиме во штрајк. Затоа апелирам, да не се доведат во ситуација градоначалничката и Советот на Град Скопје, како вчера што немаа градски превоз така да останат граѓаните на Град Скопје без вода“, изјави Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати.

Трудовата инспекција минала и нотирани се неправилности во работењето. Станува збор за незаконски спроведени прераспределби на работни позиции, а се отвориле и прашања околу законитоста при поставувањето на двајца шефови на кабинет. Токму оваа точка се најде како трета на Дневниот ред, на денешната седница на Управниот одбор на Водовод.

Од претпријатието засега нема одговор, но најавија дека во текот на денот ќе се произнесат по наводите од страна на работниците. Ако барањата на синдикатите не наидат на слух кај надлежните, тоа ќе значи дека оваа мапа на којашто се бележи каде има дефекти и прекин на водоснабдувањето, ќе биде со многу повеќе извичници, заради тоа што работниците ќе бидат отсутни од работа, наместо на терен кај цевките и каналите.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Стопанска комори: Комисијата донесе непазарна и еднострана одлука

Дејан Дејан

Македонија со скок од 19 места во однос на слободата на медиумите, медиумските работници со потпросечни плати и изложени на закани и напади

Дејан Дејан

Осигурителните компании разочарани од одлуката да се врати старата цена на полисите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе