Вести Култура Македонија

Одржана студиска посета за пристапи и конзервација на културното наследство

Во периодот од 12 до 22 септември 2022г., се одржа студиската посета ,,Пристапи во управувањето и конзервацијата на културното наследство“.  Студиската посета се одвиваше на избрани споменици/локалитети во нашата земја, каде како студии на случај во рамките на програмата беа опфатени културни добра кои се конзервирани со финансиска помош од Амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство (AFCP) на Стејт Департментот на САД, со посебен фокус на конзерваторскиот проект кој се спроведува на археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис во Битола.

Дванаесет студенти од Македонија и Грција имаа ретка можност да учествуваат во специјализирани стручни посети на археолошки локалитети и културни добра, проследени со серија предавања од домашни експерти за заштита на културното наследство и членови на ИКОМОС Македонија, а беа одржани и состаноци со менаџерите на локалитетите, археолози, кустоси и други стручни лица. Учесниците имаа прилика да научат повеќе за конзерваторскиот проект кој се одвива на археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис, да посведочат примери од македонската традиционална рурална архитектура во селото Маловиште и да чекорат по историската патека посветена на случувањата од Првата светска војна во НП Пелистер. За време на посетата на археолошкиот локалитет Стоби, учесниците имаа можност да слушнат за конзерваторските проекти кои се реализирале со помош на AFCP и да ги посетат работните простории за конзервација на мозаици, додека во Скопје имаа стручни тури во Археолошкиот музеј и во Старата скопска чаршија. Неделните активности завршија со посета на Шарената џамија и Уметничката галерија (амамот) во Тетово, (обете конзервирани со финансиска помош од AFCP). Последните денови од студиската посета учесниците го посетија богатото културно и природно наследство во Охридскиот регион, а притоа имаа стручни посети и на црквата Св.Богородица Перивлепта (конзервирана со помош од AFCP), Самуиловата тврдина, археолошкиот локалитет Плаошник и на Старото градско јадро на Охрид. Како последни теренски активности, учесниците ги посетија Заливот на коските, комплексот Св.Наум и средновековната црква Св. Илија во село Грнчари во Преспа.

Меѓу другото, учесниците имаа задача да подготват план за управување со посетители, на археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис и патеки за интерпретација и презентација за истиот локалитет кој беше главна студија на случај за време на посетата. Презентациите на двете работни групи беа реализирани на завршниот ден од студиската посета, по што учесниците се стекнаа со сертификати за успешно завршување на истата. На свеченото затворање кое се одржа во Музејот во Битола, сертификатите им беа врачени од страна на г-ѓа Кристина Бицева, претседател на ИКОМОС Македонија и од г. Ерик Мејер, вршител на должност амбасадор на САД во Република Северна Македонија.

Студиската посета ,,Пристапи во управувањето и конзервацијата на културното наследство“ се реализираше и во соработка со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Битола, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, НУ Стоби, Археолошкиот музеј во Скопје и НУ Конзерваторски центар – Скопје. Програмата ја организира ИКОМОС-Македонија, со финансиска подршка на Амбасадата на САД во Скопје.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со измени на деловникот Судски совет ќе спречува држење на предмети во фиока по година до две

Дејан Дејан

Пукна цевка од парно на третиот кат на Токсикологија

Дејан Дејан

Поскапува регистрацијата на возилата, се зголемува цената на задолжителната осигурителна полиса

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе