Вести Култура Македонија

Ретроспективната изложба на Симон Узуновски во МСУ прва која посетителите можат да ја видат со водич

Дождливиот ден не ги спречи граѓаните да се качат на Кале и во Музејот на современа уметност, во рамките на саботното матине, да ја разгледаат ретроспективната изложба на концептуалниот уметник Симон Узуновски, насловена „ Пат за Волкодери“.

Тие ја поздравуваат новината што ја воведе музејот, секое матине да биде збогатено со музејски водич кој ќе им го приближи творештвото на изложениот уметник.

„Ми недостасувало тоа во музеите , малку поткрепа, нели? Дополнителни информации. Јас не се занимавам со уметност и некогаш имаш чувство дека тука нешто пропушташ. И убаво доаѓаат овие информации“.

„Секој ја толкува уметноста како ќе ја види. А, кога ќе му објаснат , кога тоа ќе се спореди со својот став, тогаш веќе е поинаку. Интересно е , симпатична дружба. Воопшто идејата за матинето и ваква дружба е одлична работа“.

Водичот низ изложбата, кустосот Бојана Јанева, посетителите ги запозна со творештвото на Узуновски, кој почина 2018 година, на 69 годишна возраст. Важи за еден од првите , чиј пробив во втората половина на 70-тите години на минатиот век на нашата ликовна сцена, значеше рушење на дотогашниот конвенционален академски начин на создавање.

Од индивидуалните пројави, преку соработката со Естетичката лабораторија на Филозофскиот факултет до ангажманот со здружението „ Кооперација“, за Узуновски поважен бил заедничкиот, интерактивен уметнички процес, отколку крајниот резултат.

„Неговите инсталации се всушност места каде што се здружувале , каде што заеднички работеле. Биле поканети студенти од Историја на уметност, од Архитектура. Сите посетители кои што се наоѓале во моментот на неговата изложба, перформанс, акција, учествувале во создавањето на уметничките дела. Односно, тоа е социјалната компонента на создавањето на уметноста“ –вели водичот низ изложбата, Бојана Јанева.

Изложбата вклучува преку 100 дела- објекти, фигури, колажи, цртежи, асамблажи и апликации, изведени со селотејп- материјал по кој е препознатлива работата на Узуновски.

Поставката е дополнета со видео и печатени материјали, кои го документираат 5 децениското творештво на авторот. Таа ќе биде отворена до 25 октомври.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 05.05.2024

Дејан Дејан

Им дал 25.000 евра, но наместо торба полна со денари, му дале торба со ливчиња – скопјанец наседнал на измама од двајца странски државјани

Дејан Дејан

(Видео) Повредени 155 полицајци, уапсени 74 навивачи – хаос во Берлин на меч од четврта фудбалска лига

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе