Трансформаторот кој изгоре во пожар на почетокот на минатата грејна сезона и го остави третиот блок на РЕК Битола надвор од производство за време на најголемата енергетска криза, конечно е испратен на поправка во Србија. Шест месеци по хаваријата и долги подготовки, постројката е демонтирана и патува на репарација со 4 товарни камиони, додека јадрото на трансформаторот тешко 160 тони ќе се транспортира со воз.
Во овој момент сме финализирани за транспорт на трансформаторот, затоа што од комплетен трансформатор моравме да ги извадиме сите делови, кои се габаритно над можноста за превоз. Тие се спакувани во 4 камиони и тргнуваат за Белград каде ќе се врши репарацијата, рече Александар Мирчевски, одговорен инженер во РЕК Битола
Во подготовките за транспорт од РЕК Битола до Србија подолго време се вклучени и лица од фабриката каде трансформаторот ќе се поправа.
-Треба да се извади активниот дел, да се демонтираат намотките, да се види какво е оштетувањето. Ако треба да се направи нов, ако не да се поправи стариот и да се врати. Оди на комплетно испитување, значи сите тестови мора да ги помине пред да се врати тука, вели Зоран Лазиќ, Комел Белград
Се очекува трансформаторот од третиот Блок во РЕК Битола да биде готов до почетокот на следната грејна сезона, а поправката Државните електрани ќе ги чини 7 милиони евра. Проблемите почнаа уште лани во август, кога го санираа вработени во РЕК со помош на нивни колеги од МЕПСО, ЕВН и елктротехничките факултети. Но, во ноември избувна пожар на трансформаторот, а обидите за негова поправка беа неуспешни, поради што третиот блок повеќе од половин година не произведува електрична енергија, а комбинатот работи со две третини од капцитетот.
Емилија Мисирлиевски
