Се почесто одекнува сирената на Брзата помош низ скопските улици. Зад секој повик стои нечие нарушено здравје, а понекогаш и борба за живот. Екипите на Итната медицинска помош дневно интервенираат во околу 80 случаи, најчесто поради колапси на јавни места, но и кај пациенти со акутни, кардиоваскуларни и белодробни заболувања.
– Човекот како топлокрвно битие, високите надворешни температури му влијаат и се разбира дека организмот се обидува да се заштити. Најчесто се заштитува со потење. При потењето се губат електролити и може да настане електролитен дисбаланс. Електролитниот дисбаланс директно влијае н центарот за рамнотежа. Затоа луѓето чувствуваат вртоглавица, несвестица, зуење на ушите, сувост на уста а понекогаш доаѓа и до колапс. Честопати луѓето мислат дека колапсот настанува наеднаш, не . Организмот дава сигнали уште неколку часа претходно. И ако тие сигнали ние ги игнорираме тогаш наистина може да дојде до интервенција на Итната медицинска помош. И ноќе кога е жешко и луѓето имаат поплиток сон или почесто се будат и такви неколку непроспиени ноќиили недобар сон, утредента луѓето се пораздразливи, повознемирени, поконфликтуозни импулсивни и дури тогаш има пад на концентрацијата и може да доведе до сообраќајни незгоди и навистина ззголемен е бројот на сообраќајни незгоди во Итната медицинска помош во овој период, вели Д-р Елена Карева Пиловска Итна медицинска помош.
Од денеска и официјално стартува летото. Од тропски температури до дожд и грмежи за само неколку часа, времето станува се понепредвидливо. Лекарите предупредуваат дека токму наглите промени најтешко ги поднесуваат хронично болните, повозрасните и метеопатите. Како овој летен температурен шок се одразува врз здравјето на граѓаните?
– Можеби проблем не се толку високите горештини, колку што немавме време организмот да се адаптира на големите жештини. Некако како да ја рипнавме пролетта или да беше многу кратка. Имаме промена на атмосферскиот притисок, влажноста во воздухот, високите температури или наглите варијации во температурите, навистина организмот немаше време да се адаптира. Ако се најавени дождовиќе биде зголемен и атмосферскиот притисок и ќе има најверојатно почести интервенции од Итната медицинска помош, додава Карева Пиловска.
Здравствените работници со апел – во екот на жештините граѓаните да не се изложуваат на сонце во најтоплиот дел од денот, редовно да пијат течности и да избегнуваат физички напор. Граѓаните велат дека се обидуваат да се заштитат од жештините. Носат полесна облека, пијат повеќе вода и ги почитуваат препораките на здравствените работници, во обид да го намалат ризикот од последиците што ги носи топлото време.
- „Само седам под клима и уживам.“, вели граѓанин.
- „Па да сакаме да шетаме и затоа кога е најтопло бегаме од Скопје, идеме на некое поладно место. Капи, лесна облека, пиење течности и тоа“, вели граѓанка.
Во обид да се скрати времето на чекање и да се подобри реакцијата во итни случаи, Министерството за здравство предложи, а Владата го усвои предлогот за формирање самостоен Центар за итна медицинска помош во Скопје. Според најавите, досегашната служба ќе треба да се издвои од рамките на Здравствениот дом Скопје и ќе функционира како посебна здравствена установа со сопствена организација и управување.
Одлуката доаѓа во период кога граѓаните сѐ почесто реагираат на доцнење на екипите на терен, а во одредени случаи времето на чекање достигнува и 30 до 40 минути – време кое може да биде клучно за спас на човечки живот. Недостигот од медицински тимови, амбулантни возила и кадар, како и сообраќајниот метеж во главниот град, дополнително ја оптоваруваат работата на службите.
Симона Петровска
Снимател: Фахрудин Смаилагиќ
