Обвинителот од Гостивар Арсим Адеми е меѓу 10-те кандидати пријавени за 5 позиции во обвинителството чиј раководител е Вилма Русковска.
Изборот на нови обвинители за гонење на организиран криминал и корупција трае од почетокот на декември, повеќе од три месеци, а и последниот обид за избор заврши со фијаско.
Советот на обвинители не успеа да обезбеди кворум, а остана да виси во воздух какви се пазарења се кријат позади фасадата на оваа институција.
Листата на кандидати остана активна, а на неа е и името на Арсим Адеми. Но за Адеми се расправало и под точка разно на една од седниците на советот на јавни обвинители. Советот добил известување дека обвинителот Адеми добил казна односно глоба од двесте евра пишана од Антикорупциската комисија.
Глобата била издадена затоа што обвинителот Адеми во два наврати на прашање од антокорупциска комисија не дал информации до каде е постапката која ја води.
Стечајни работници чекаат правда и пари, ДКСК чека одговори
Се почнало на почетокот на 2020-та година кога група од 19 работници на згаснататото гостиварско Јавно претпријатие за уредување и употреба на градежно земјиште поднеле претставка во ДКСК. Барале информации зошто стечаен управник не им ги исплатил заостанатите плати и придонеси туку со парите на претпријатието во стечај исплаќал други доверители.
Претходно финансиската полиција утврдила дека стечајниот управител Драгн Филиповски неколку години извлекувал пари од сметката на јавното претпријатие во стечај со што ја оштетил државата и извршил две кривични дела, злоупотреба на положбата и уништување и Фалсификување или уништување деловни книги.
Соопштение на Управа за финансиска полиција (декември 2019-та)
Пријавениот Д.Ф. во периодот од 2012-2018 година со цел да се стекне со противправна имотна корист за себе, ја злоупотребил својата службена положба и овластување, на начин што спротивно на член 34 ст.1 в.в т.2 од Законот за стечај, подигнал и присвоил парични средства на име материјални трошоци од банкарската сметка на правниот субјект во вкупен износ од 4.199.700,00 денари, за кој износ го оштетил Буџетот на Република Северна Македонија.
Кривичната пријава за истрага се паднала на обвинителот Арсим Адеми, додека претставката на работниците е распределена кај антокорупционерот Нури Бајрами. Антикорупционерот двапати барал информации од гостиварското обвинителство до каде е постапката. Но одговорот и во април 2020-тата и во мај 2021-та бил дека предметот е даден на вештачење без други одговори барани од антикорупциската комисија.
Потписник на одговорите без одговор бил обвинителот Адеми, а антикорупциска проценила дека обвинителот не соработува и му пишува глоба бидејќи не помага во борбата против корупцијата.
Глобата не е платена до ден денеска, а обвинителот се уште не си ја завршил обврската и не ја известил ДКСК до каде е истрагата.
Без платена глоба ама со желба да гони корупција
И додека известувањето за неплатената глоба од антикорупциска патува кон Советот за обвинители на 20-ти јануари, во архивите на советот веќе е пристигната кандидатурата на обвинителот Адеми кој не соработува со ДКСК, но сака да се бори против организиран криминал и корупција.
Претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски ни потврди дека известувањето за глобата и несоработката на обвинителот Адеми е стигнато кај нив, а сите членови на Советот меѓу кои и државниот обвинител Љубомир Јовевски биле известени за случајот. Јолевски ни рече дека за дисциплинска постапка е надлежно Вишото јавно обвинителство кое треба да ги извести доколку откриле нешто.
На крај, ни стигнаа одговорите од обвинителството-оттаму тврдат дека Вишото јавно обвинителство веќе го разгледало случајот и не утврдило никакви пропусти во работењето на обвинителот Арсим Адеми. За конкретниот случај со стечајниот управник, од прес службата на обвинителството тврдат, по извршениот увид во предметот е утврдено дека „обвинителен акт е поднесен за две кривични дела, одобрен е од страна на судот и дека ќе биде определен датум за почеток на процесот“.
Но, интересно е што овие информации не се доставени ниту до Државната комисија за спречување на корупцијата ниту пак такво нешто ни потврди претседателот на Советот на јавни обвинители.
Сега институциите кои треба да се борат против корупцијата наместо директно ќе бидат информирани за потребите на своите постапки од емисијата на КОД.
Обвинителството смета дека обвинителот Адеми постапил исправно
Иако и претходно, кога ја правевме емисијата за загинатиот полицаец, и сега, баравме директен контакт со обвинителот Арсим Адеми, тој не го прифати барањето упатено преку државното обвинителство за да како што ни објаснија, во гостиварското обвинителство било оценето дека не добро, во јавност да се конфронтираат со антикорупциска затоа што треба да соработуваат.
Повеќе: Како се кроеше пресудата за смрт на 23-годишен полицаец на службена должност
За тврдењата на ДКСК дека обвинителот Адеми не сака да соработува со антикорупционерите, обвинителството има поинакво видување- на Адеми му биле барани записници и материјали од истрага, што не било дозволено со законот за кривична постапка и затоа не ги дал иако од ДКСК му се заканувале и со казна и со глоба.
КОД: 17 дена без резултат-потрага по малиот Петар, исчезнат во Мариовско
Глоба која ја добил затоа што Антикорупционерите оцениле дека обвинителот Адеми упорно не сака да соработува со нив. Интересно е што Адеми е инволвиран во вкупно три предмети на Антикорупциска, (предметот со пресудата на Кичеец, предметот со оштетените работници во стечај и предмет со измама и со подметнато лажно лекарско уверение за деловна способност на оштетено лице).
Обвинителот не бил пријавен од граѓани, туку неговото име се нашло во предметите откако ДКСК почнала да ги истражува конкретните случаи.
Миомир Серафиновиќ
На линкот доле е прилогот за обвинителот од Гостивар. Во оваа емисија на КОД и сторијата за потрагата по исчезнатиот 10-годишен Петар Џобески во мариовско. И по 17 дена нема траг ни глас од малиот Петар.