Набавка на 100 електрични автобуси и фабрика за нивно производство во земјава, кои ги најави лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ на отчетот за сработеното во првите 100 дена на дел од градоначалниците предизвика реакции во јавноста.
Во кое својство и во чие име преговара Мицкоски за набавка на автобуси и кои се компаниите со кои се преговора.
Според Арсовска, Мицкоски само проактивно делувал за подобрување на состојбите, но не откри кои се компаниите со кое се преговара и фондовите за набавка на еко автобуси.
“Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски проактивно делува за подобрување на состојбите во Скопје и во комуникацијата за прашања кои се од важност за Скопје и скопските општини, сигурна сум дека ќе постигнеме резултати за доброто на граѓаните, а кога преговорите ќе ги финализираме истите ќе бидат презентирани во јавноста“ – вели градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
За владејачката СДСМ ваквата изјава на Мицкоски е основа за можна корупција и криминал и токму затоа побараа градоначалничката Арсовска да одговори на овие дилеми.
„Дали заради диловите на Христијан Мицкоски е прекинат проектот за бас рапид транспорт во Скопје, поддржан од ЕБРД? Од ЕБРД не се добиваат тендери. Очигледно на повидок е голем скандал, според зборовите на самиот Мицкоски“ – вели Дарко Каевски, портпаролот на СДСМ.
Причина за бурните реакции во јавноста е вчерашната изјава на Мицкоски за завршната фаза и подготовка на тендерска процедура за набавка на електрични автобуси и отворање фабрика во која би се вработиле 500 луѓе.
За ВМРО- ДПМНЕ ставот на СДСМ се темели на деструкции и дезинформации.
Нина Стефанова
