Без храна, вода и лекови, жителите на украинскиот град Мариопол, кој е под руска опсада, сами се снаоѓаат како знаат. Руската и украинската страна меѓусебно се обвинуваат за неуспешниот хуманитарен коридор за извлекување на цивилите, едните дека населението укранската војска го држи населението како жив штит, другите дека Русите не престануваат со ракетирањата.
Според заменик-градоначалникот на Мариупол, Сергеј Орлов договорениот прекинот на огнот траел „не повеќе од 30 минути“ иако според договорот со Црвениот крст требало пет часа им овозможи на цивилите да ги напуштат Мариупол и Волноваха. На видеото кое се појави на социјалните мрежи граѓаните во еден голем трговски центар се обидуваат да најдат нешто корисно, но продавниците се веќе празни, во градот нема ниту вода, ниту греење.
- Немаме залихи со храна. Луѓето земаат сè. Продавниците се празни, вели Ирина, жителка на Мариупол.
Мариупол е клучен град на рутата меѓу Крим и Русија, во овој пристаништен град на Азовското Море живеат повеќе од 400.000 жители – со денови е под опсада на руските сили. Ако Русија го преземе Мариупол, би можела да ја преземе контролата врз рутата што ги поврзува регионите во Луганск и Доњецк, кои се под контрола на сепаратистите поддржани од Русија, и Крим – кој Русија го анектираше во 2014 година. Шефот на руската дипломатија ги обвини властите во Мапиупол за неуспехот на хуманитарниот коридор, а како што рече, властите во Керсон ја одбиле нивната хуманитарна помош.
- Ние сме информирани од Народна Република Доњецк дека властите во Мариупол одбиваат да им дадат можност на жителите да заминат преку хуманитарниот коридор што го постави руската војска- Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Во меѓувреме голема е веројатноста Русија да опколила четири клучни градови – Харков, Чернихив, Суми и Мариупол, соопшти Министерството за одбрана на Велика Британија. Украинската страна која објави како соборуваат еден руски хеликоптер, соопшти дека 66.000 мажи се вратиле дома од странство за да се борат за својата татаковина. Украинските власти информираат за успеси на терен.
- Украина крвари, но Украина не падна и стои (со) двете нозе на земја. Украинските вооружени сили и сите одбранбени сили ја бранат земјата во сите правци. Тие постигнаа некои големи успеси во изминатите 24 часа туркајќи ги назад руските напаѓачи на повеќе фронтови- Дмитро Кулеба, украински министер за надворешни работи.
Долга низа луѓе бегаат од градот Ирпин, во близина на Киев, поминувајќи преку уништениот мост, кој беше дигнат во воздух од вооружените сили на Украина за да ги спречат руските трупи да напредуваат на украинската територија. Киевскиот надбискуп рече дека во опколените градови почнува вистинсака хуманитарна катастрофа.
- Но, најмногу од сè, нашето срце е облеано во крв за градовите кои се опколени од непријателот и каде почнува вистинска хуманитарна катастрофа. Нашите мисли се со Мариупол, Волноваха, Керсон. Непријателот ги блокира и ги држи под опсадува големите градови и не им дава можност на жителите да го напуштат градот. Нема можност да се достави храна, а горе летаат непријателски бомби кои сеат смрт- Свјатослав Шевчук, киевски надбискуп.
Кремљ, пак го брани новиот закон со кој се предвидува 15 години затвор за објавување „лажни вести“ за Русија, велејќи дека земјата се соочува со „информативна војна“, како одговор на тоа БиБиСи, Си-Би-Ес Њуз и Еј-Би-Си Њуз привремено ја прекинаа својата работа во земјата.
Билјана Ставрова
