Вести Македонија Најважни

Прво заедничко одбележување на роденденот на Гоце Делчев на Македонија и на Бугарија

Две министерки, Бисера Стојчевска како претставник на македонската влада и Теодора Генчовска, како претставник на бугарската, денеска, едноподруго, положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев во чест на 150 години од неговото раѓање. Присуството на двете делегации во црквата Св. Спас бугарскиот премиер, Кирил Петков, пред една недела го најави како заедничко чествување од двете држави, додека македонската влада настанот го најави како државно одбележување, со учество на делегација од Бугарија. Шефицата на бугарската дипломатија, Генчовска, која ја предводеше бугарската делегацииа, но ни македонската министерка за култура не дадоа изјави по церемонијата која беше под засилено полициско обезбедување.

Но силното полициско обезбедување не успеа три часа претходно да ја спречи групата од околу 150 луѓе да ги исвиркаат шефот на државата, владината делегација и собраниската делегација, на влегување и на излегување од црквата Св. Спас каде положија цвеќе на гробот на Делчев.

Шефот на државата кој за протестот рече дека е демократско право на изразување став, за заедничко чествување на Гоце Делчев од двете држави рече дека за него не е спорно, без оглед што историската комисија се уште не се усогласила по тоа прашање.

„Ние и пред да постои, тоа ви е вам добро познато, Историската комисија, сме имале заеднички чествувања на одредени настани, на одредени ликови. И без да има одлука на Историската комисија сме правеле и во Република Бугарија и во Северна Македонија заедничко чествување на различни паметници. Така што не гледам проблем. Не гледам проблем во тоа да некој од нашите соседи искажува пиетет кон еден од камен-темелниците на нашата државност“, рече Пендаровски.

Пендаровски кој откако положи цвеќе на гробот на Делчев отвори и изложбата во негова чест, ги коментираше и последните изјавите на бугарскиот премиер, критички насочени токму кон него и неговите постапки.

„Да ви кажам најискрено од она што го слушам од Петков последниве недели од кога е премиер е како да зборувам Мандела, ако го споредите со тоа што зборуваа неколкумина министри од претходната влада на Борисов во која имавме дневна количина на навреди и кон нас и како народ и нација“, изјави Пендаровски.

На гробот на Делчев утрово цвеќе положија и од ВМРО-ДПМНЕ, на чело со лидерот Хрстијан Мицкоски. Сепак за разлика од државните институции, тие не беа исвиркани туку пречекана и испратена со аплауз од насобраните. Мицкоски по церемонијата го кажа и својот став за заедничкото македонско–бугарско чествување.

„Ако се слави 150-годишнината од раѓање на големиот Македонец, македонски син Горѓи Гоце Делчев немам против“, рече Мицкоски.

Тој не пропушти да упати критика до премиерот што не е дел од чествувањето на Делчев, а откри и што му било кажано од бугарскиот премиер Петков, на средбата која ја имаа пред две недели во Скопје.

„Го споменаа тоа што го кажаа и во јавноста за промена на Уставот и да биде вклучен дел од бугарскиот народ, незн ачително малцинство во Македонија во Уставот. Тоа побараа. За тоа не се подготвени на реципроцитет за значителен дел на македонскиот народ што живее во тој дел кај нашиот источен сосед. И не се подготвени да ја тргнат понижувачката фуснота од македонскиот јазик што е кодифициран и засебен и различен од бугарскиот“, изјави Мицкоски.

По завршувањето на официјалното чествување, македонската и бугарската делегација се разминаа со претставниците на бугарски здруженија од Македонија и од Бугарија дојдени да положат цвеќе, додека на кејот на Вардар полицијата ги задржа „Комитите“ тргнати кон гробот на Делчев и тие со намера, да положат цвеќе, што и го направија веднаш откако заминаа бугарските здруженија.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Шпанија на полувреме води против Франција

Kristina Kuzmanovski

Иран го нападна Јордан

Kristina Kuzmanovski

Сообраќaјна несреќа на автопатот Тетово-Скопје, километарски колони на возила и голем застој

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе