(Линкот до видео прилогот е на крајот на статијата)
На денот на полиција, пред 10 години, врвот на МВР се собра во зградата на СВР Скопје во Аеродром. Се промовираше проектот безбеден град. Сејф сити (Safe city).
Систем од 600-тини камери поставени низ цело Скопје и во неколку други градови.
Цело време, на и после промоцијата, се повторуваше тезата дека треба да помогне за избегнување на сообраќајни прекршоци и несреќи. Министерка за внатрешни работи беше Гордана Јанкуловска, а тогашни директори на УБК и на бирото за јавна безбедност беа Сашо Мијалков и Љупчо Тодоровски.
И тие беа на презентацијата каде не се спомна единствено сумата на набавката на оваа опрема. Ниту тогаш ниту сега системот не се користеше за превенирање сообраќајни несреќи. МВР ни одговори дека снимките се чуваат по две недели.
- Системот Безбеден град функционира во Скопје, Тетово и Куманово, автопатите не се покриени со истиот.
- Системот се користи за потребите на МВР и со Наредба на обвинителствата за потребите во судски постапки. Камерите работат 24/7.
- Снимените материјали се зачувуваат 14 дена по што автоматски се бришат.
- Овој систем автоматски не регистрира сообраќајни прекршоци,
стоеше во одговорите кои ги доби КОД од МВР.
Но, прашањата за финансиите останаа тајни и неоткриени. Иако се дел и од истрага на обвинителството преземена од СЈО.
Во територија на веќе згаснатото Специјално обвинителство, сејф сити влезе со оваа бомба слушната во јавноста.
Станува збор за разговор (Јанкуловска и Мијалков) снимен пред презентацијата односно во април 2012-та, а од разговорот се сфаќа дека се коментира за случајот Монструм, во период меѓу 5-кратното убиство кај Смилковци (12.04.2012.) и апсењето на осомничените во акцијата на 02.05.2012.
Но за системот сејф сити имало и други материјали поради кои во СЈО е отворена и друга истрага. Имало снимени разговори за начинот на набавка од израелска фирма, поради што почнале да се прибираат докази и документи, а била побарана и меѓународна правна помош.
Истрагата се умртвува со начелното мислење на Врховниот суд да не се признаваат таканаречените бомби за докази, но е жива и активна, а во 2019-та е префрлена во обвинителство за гонење организиран криминал.
-Предметот е во фаза на предистражна постапка. Надлежниот јавен обвинител има издадено повеќе наредби и барања до различни институции и по тие барања се уште се постапува. По утврдување на фактите, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука, ни одговорија од обвинителството.
Но, други детали нема. Особено колку чини. Она што успеавме да го дознаеме дека на крајот на јули или на почетокот на август 2020-та година, МВР има исплатено сума од околу 5 милиони евра за ставка „одржување на сејф-сити системот“.
Таа исплата била одобрена и на затворена седница на техничката предизборна влада во јуни 2020-та. Според сознанијата на истражувањето на КОД, кога во 2012-та е поставен сејф сити системот, со договорот за купопродажба кој е склучуван во тајна постапка, по фамозниот член 7 од Законот за јавни набавки, била предвидена ставка за одржување.
МВР пред една деценија се обврзало дека на секои 2 и пол години односно на 30 месеци требало да се исплаќа за одржување и апдејтирање на сејф сити по фантастични 5,4 милиони евра.
Досега за 10 години имало 4 такви циклуси што значи дека само за одржување биле платени над 21 милион евра.
Според информациите на КОД во случај кога одржувањето не било платено на време, се случувало сејф сити да падне да преживее баг на системот или едноставно да не функционира со часови, а објаснувањето било дека „ете не е реализирано одржување“ на системот.
Цело време сејф сити не се користи за сообраќајни казни и прекршоци бидејќи нема софвер за автоматско препознавање на извршителите на сообраќајни прекршоци.
Софтвер сепак беше купен, го смислил пронаоѓачот Драги Рашковски, а во име на владата,без знаење и изразена потреба на МВР, го купил генералниот секретар на владата Драги Рашковски за вкупно 81 илјада евра народни пари. Оваа невидена злоупотреба на сопствените функционерски овластувања од Драги Рашковски направи обвинет, покрај за софтверот одговара и за уште неколку дела.
Било дозволено и изведено тестирање на софтверот и тоа токму на кобниот за Викторија Николова, булевар Партизански одреди, и на автопатот Миладиновци-Штип.
Тестот бил успешен, тврдеше сопственикот на Инвока кој заедно со Рашковски е обвинет за софтверот. Но иако не го сака софтверот на Рашковски односно сега во сопственост на владата, МВР веќе неколку години има обиди за надградба на системот сејф сити, кој веќе е застарен.
Според првичните сознанија уште во 2019-та, комисија на МВР од стручњаци за информатичка технологија разгледувала проект за модернизирање на веќе застарениот систем сејф сити.
Наместо тендер, повторно била избрана тајна постапка од безбедносни причини, но за да остане истата израелска фирма во игра избрано е да не се оди со повик за надавање на стручни компании од странство.
Бидејќи ќе се врши надградба на истиот систем кој сепак предвидувал и замена на старите камери и со нови, како и набавка на софвтвер за сообраќајни казни, договорот според законските прописи за јавна набавка мора да се потпише со претходниот продавач.
Затоа што законот дозволува заштита на интелектуалните права на добавувачот при модернизација на негов производ.
Понудата според сознанијата на КОД била висока односно изнесувала 22,5 милиони евра.
Покрај надградбата за да се користи сејф сити за сообраќајни казни мора да се сменат и неколку закони, пред се за прекршоци и за безбедност во сообраќајот за да се овозможи казнување со видео-снимки од ситемот безбеден град.
Дополнително треба да се превенира злоупотреба на основните човекови права со системот како и да се предвиди дополнителна заштита на личните податоци. Затоа што сејф сити, најавен во 2012-та како средство и за побезбеден сообраќај, повеќе од 6 години се користеше ексклузивно единствено од тајната полиција УБК.
Потоа премина во раце на јавната безбедност.
Миомир Серафиновиќ
Прилогот е емитуван во емисијата КОД од 30.01.2022.