Граѓаните да не стравуваат- горивата во земјава се квалитетни, а нема ниту отровен мазут кој пред речиси една година го открија новинарите- тој бил вратен назад и не завршил во промет. Ова го тврдат надлежните – иако за шест месеци Пазарна инспекција направила 15 контроли на бензинските станици, а за година и пол претходно само две.
Мислам дека беа две, но не можам сега во моментот да се сетам. Од 6-ти месец наваму, имаме над 15 контроли кои што ги имаме на бензинските пумпи. Анализите покажаа дека квалитетот на бензинот и дизелот се во рамките на дозволените параметри софласно стандардите. Граѓаните можат да бидат сигурни дека во овој момент се користи гориво со соодветен квалитет, вели директорката на ДПИ Анета Симеска Димоска.
Сега пак квалитетот на горивата, но и тој на мазутот, ќе се испитува во нова лабораторија – резултатите наместо три денови ќе бидат готови за два часа. Ја купи Бирото за метеорологија за речиси 420.000 евра од фирма од Австрија, по налог на Владата откако лани по алармот на новинарите беа откриени 8 компании кои со години го загадувале воздухот со отровен мазут кој пак го трошеа и државни институции. Надлежните тврдат цистерните фатени на граница биле вратени назад, исто како и мазутот затекнат во складиштата.
„Евротим“ со посебна процедура, со договор со фирма надвор од државата, од каде што го донесол,го изнесе мазутот од државата со посебни процедури и на следење, при што тој мазут воопшто не е ставен во употреба, вели симеска димоска.
Мазутот кој е во промет надлежните уверуваат дека е во согласност со правилникот. Иако пак тогаш беа најавени измени во Правилникот со кои требаше да се намали количеството сулфур во него, министерот Бектеши сега вели нема потреба. Тој со порака до некои медиуми:
Нема потреба од „Netflix Documentary“. Тој Правилник на кој што се повикувате вие како медиумска куќа се однесува за бродско масло. Ако има бродови што користат масло во нашата држава за транспорт, кажете и ќе донесем дополнителен правилник, рече бектеши.
Епилог за аферата со отровен мазут и неквалитетните бензини- се уште нема. Освен парични казни и неколку одземени лиценци за други неправилности кои беа откриени при засилените инспекциски контроли, трговците се уште непречено си работат. Случајот Владата го предаде на Обвинителството. Таму јавниот обвинител уште лани летото издал барања за прибирање на оригинални примероци од документите, како и наредба за преземање други дејствија за утврдување на елементи на сторено кривично дело и евентуални сторители. Но по неговата наредна, од таму велат се уште се постапува.
Александра Филиповска
