Вести Свет Топ вести

ЕУ го одобри трговскиот договор со САД за царините

Советот на Европска Унија (ЕУ) денеска ги одобри последните законски измени во врска со трговскиот договор со САД за царините, што беше постигнат во август минатата година.

„Со тоа завршува законодавниот процес и се потврдува посветеноста на ЕУ кон стабилни, предвидливи и меѓусебно корисни трансатлантски трговски односи, додека се одржуваат потребните мерки за заштита на европските економски интереси“, се наведува во соопштението од ЕУ.

По денешната одлука, преостанатите царини на ЕУ за индустриски стоки од САД се елиминирани, се воведува преференцијален пристап за увоз на одредени морски плодови и земјоделски стоки со намалени царини и се продолжува суспензијата на царините за увоз на јастози.

Предвидените заштитни мерки ѝ овозможуваат на Европската комисија брзо да дејствува во случај на значително зголемување на увозот од САД, кога може да се случи значителна штета за европските компании. Европската унија ќе може да го суспендира договорениот царински режим, ако САД не ги почитуваат своите обврски и ги поткопаат договорените цели или на друг начин ги нарушат избалансираните трговски односи, вклучително и преку дискриминаторски мерки.

Главните делови од билатералните царински аранжмани ќе важат до крајот на 2029 година, а неколку месеци пред тоа, ЕК ќе направи сеопфатна процена и може да предложи нивно продолжување.

ЕУ и САД имаат најголеми билатерални трговски и инвестициски односи, еднакви на речиси 30 отсто од светската трговија со стоки и услуги и 43 проценти од светскиот бруто домашен производ. Трговијата со стоки и услуги помеѓу ЕУ и САД двојно е зголемена изминатата деценија и минатата година надмина 1,7 трилиони евра. Во 2024 година, компаниите од ЕУ и САД имаа над 4,8 трилиони евра инвестиции на меѓусебните пазари.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Земјотрес со јачина од 7,2 степени го погоди северниот дел на Јапонија

Sasko Dimovski

Има 112 далекуводи, за 59 нема имотни листови, трафостаници во заедничка сопственост со ЕВН – ревизорски извештај за МЕПСО

Sasko Dimovski

Нетанјаху: Во ниту еден момент не сум побарал дозвола од Трамп да го нападнам Иран

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе