Денеска и утре во Собранието ќе се одвива нова политичка битка, по предлог на мандаторот Димитар Ковачевски, кабинетот од 21 министер ќе треба да ја помине парламентарната расправа и да обезбеди најмалку 61 пратенички глас. Ова е дел од предложената програма.
Вакцинација против корона-вирус
За Владата на Северна Македонија и натаму главни предизвици остануваат одржувањето на здравствените домови во полна кондиција и со персонал и со број на легла и технички капацитети да ги опслужат граѓаните кои имаат потреба од заштита и нега, а од друга страна процесот на вакцинација кој е клучен за да се спречат тешки симптоми кај заболените, а со тоа да се спречи преоптоварување на здравствениот систем односно да не се доведеме во ситуација во која некој граѓанин не би бил на време и соодветно третиран.

Владата ќе спроведе позитивни стимулативни мерки кон младите со цел да го зголеми интересот и процентот на вакцинирани млади како целна група која има најголем отпор кон имунизацијата, а од друга страна ќе воведува нови мерки на стимулација и рестрикција кога е во прашање возрасното население, а со единствена цел заштита на здравјето на севкупната популација во земјата.
Образование и дигитализација
Развојот на социјалните медиуми, на новите начини на комуникација, на новите начини на делување и функционирање на образовните чинители креираат нови предизици и нови решенија. Токму затоа медиумската писменост е врвен приоритет на оваа Влада и Министерството за образование и затоа истата ќе биде имплементирана на секое ниво во образовниот систем и за истата наставниците ќе добијат соодветна подготовка за тоа како да се имплементира, учи и предава истата.
Владата ќе развива квалитетно образование достапно на сите, образование кое ќе создава кадри кои ќе размислуваат логички и критички и ќе донесуваат заклучоци базирани на факти и анализи. Сакаме образование што ќе изгради личности кои ќе ги почитуваат и негуваат граѓанските права, толеранцијата и различностите, ќе се воспитуваат и образуваат во духот на мултикултурализмот и ќе се оспособат за позитивен одговор на побарувачката на пазарот на труд.

Дигитализацијата останува еден од врвните приоритети за Владата како критичен фактор за новото време и суштински развој на човечкиот капитал на сите нивоа.
Владеење на право и правда
Антикорупцијата, редот, дисциплината и владеењето на правото остануваат оска и основа на политиките на оваа Влада.
Согласно утвредните стратешки цели и приоритети за борба против корупција, во тек е надградба на Планот за борба против корупција кој ќе се темели на четири столба:
1.) дигитализација, 2) независно и ефикасно правосудство, 3) професионализација на институциите и 4) превентивни мерки.
Владата ќе продолжи со мерките за обезбедување фер и непристрасно судење, поради што во тек е мониторинг на случаи на висока корупција, во рамките на заедничкиот мониторинг проект на ЕУ/ОБСЕ каде ќе се следат 50 случаи на висока корупција во период од 4 години, од кои повеќе од 20 на високо ниво случаите на корупција се веќе идентификувани.
Владата ќе се обрати до Европската комисија со барање да се обезбеди тим од независни експерти кои ќе извршат меѓународен мониторинг на процеси за кои постојат сомневања дека врз нив било извршено политичко влијание, како што се: Монструм, Алфа, Диво Насеље, Малиот Алмир и др.
Полиција и јавен ред
Владата ќе продолжи со јавните кампањи и со мерките за сигурност во сообраќајот што подразбира подразбира јасна и ригорозна регулација на брзини во населени места, поставување систем од камери за контрола на почитувањето на правилата и брзините, целосна автоматизација на процесот на казни и поврзување на казните со регистрацијата на автомобилот и брза достава и наплата од сторителите.

На патиштата ќе се поставуваат и автоматизирани мобилни радари и камери бидејќи големиот број на жртви од сообраќајни несреќи е многу често резултат на неприлагодена брзина и непочитување на ограничувањата.
Министерството за внатрешни работи ќе обезбеди и модернизација на едно летало на Одделот за воздухопловни единици на МВР сонајмодерна опрема за комуникација и опрема за гасење пожари.
Економија и енергетика
Во 2022 година прв и основен приоритет ќе претставува националниот одговор на енергетската криза. Конечно мора да превземеме суштински, долгорочни и стратешки мерки за да ја спроведеме енергетската транзиција.
Планот за забрзан економски раст ќе има клучна улога во поттикнување нови работни места и поттикнување на растот на економијата во Република Северна Македонија. Крајните цели одат во три насоки:
1) Зголемени инвестиции, односно да се овозможи поефективно користење на јавните инвестиции со мобилизирање на дополнителни инвестирани од страна на приватниот сектор,
2) Забрзан раст, удвојување на стапките на економски раст на среден рок, и
3) Обезбедување фискална консолидација.

Во 2022 година не предвидуваме промена на даночните стапки кај сите видови даноци, како и стапките на социјалните придонеси. Отпочната е реформа на даночниот систем со фокус на зајакната наплата во детектираните дејности и силна борба против неформалната економија.
Порастот на минималната плата ќе продолжи. Оваа Влада го цени и вреднува трудот на работникот, особено во услови на пандемија,енергетска криза и инфлаторни притисоци. Владата негува однос кон унапредување на економскиот стандард на граѓаните со пониски примања кој е искрен, чесен и реално остварлив.
Во првите три месеци од новиот мандат до Собранието на Република Северна Македонија ќе бидат доставени неколку закони за реализација на стратешките инвестиции за големи инфраструктурни енергетски проекти со предвидени инвестиции над една милјарда евра, и тоа:
- Еден од најголемите ветерни паркови во регионот, Ветерен парк Вирови со инсталиран капацитет од 414 MW на територијата на општините Крива Паланка, Старо Нагоричане и Ранковце со планирана инвестиција од над 500 милиони евра од страна на германската компанија WPD Europe.
- Сончев парк Стипион на територијата на општина Штип со инсталиран капацитет од околу 360 MW и предвидена инвестиција од околу 270 милиони евра од страна на француската компанија АКУО Енерџи.
- Сончев Парк Ерџелија со инсталиран капацитет од 85 MW со предвидена инвестиција од околу 55 милиони евра од британската компанија ЕФТ.
- Сончевите паркови во Долни Балван, Штип и Пехчево со инсталиран капацитет од над 450 МW и предвидена инвестиција од над 300 милиони евра.
Екологија и заштита на животна средина, млади и култура
Зачувувањето на природното и културно наследство согласно насоките на УНЕСКО останува врвен приоритет на оваа Влада, која ја презеде обврската и веќе работи на изработка на урбанистичко-планска документација од државно значење за целото крајбрежје на Охридското езеро.

Ќе бидат донесени закони за прогласување на Охридско Езеро, Студенчишко Блато, Кањон Матка и Белчишко Блато за заштитени подрачја, како и закон за повторно прогласување на Маврово за национален парк.
Државата ќе обезбеди стимулации за младите, што е можно порано да се стекнат сопствена економска независност, како предуслов за позитивните демографски состојби и намалување на миграционите движења.
Политиките на Владата во оваа област ќе се базираат на три столбови:
- Намалување на младинската невработеност, зголемување на пазарната вработливост и подобрување на квалитетот на животот на младите
- Вклучување на младите во процесите на одлучување
- Развој на нивните капацитети и давање шанса за креирање на општество по нивна мерка
Јасно и значително дефинирање на надлежности на сите нивоа во администрацијата. Ова значително ќе ја намали неодржливата централизација во администрацијата која ги забавува сите процеси, но и создава атмосфера на неодговорност и навики сè „да се чека од горе“.

Владата ќе поддржи модел за подобри и посилни инспекциски служби на ЕЛС (општини) заради соодветно справување со предизвиците во делот на комуналните работи, градежништвото, заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните и регулирање на сообраќајот.
Ќе ги зголемиме нивните овластувања и ќе овозможиме да се организираат во заедничка акции на регионално и државно ниво. Нема веќе формални, бирократски аргументи да бидат причина за непостапување и отсуство на заштита на граѓаните.
Ќе го зголемиме бројот на стручниот кадар во конзерваторските центри. Во 2022 година ќе извршиме ревизија и бришење од регистарот на сите незаконски запишани споменици и објекти од т.н. проект „Скопје 2014“, кои по својата природа не можат да претставуваат културно наследство.
