Казахстан ги доживува најлошите улични протести што земјата ги видела од стекнувањето независност пред три децении.
Ненадејниот скок на цената на горивото за автомобили на почетокот на годината ги предизвика првите протести во оддалечениот нафтен град на запад.
Но, десетици илјади кои оттогаш излегоа на улиците низ повеќе од десетина градови и населени места, сега ја имаат целата влада на повидок.
Претседателот Касим-Жомарт Токаев најпрво се обиде да ја ублажи толпата со разрешување на целата влада рано во средата.
Но, до крајот на денот тој ја смени тактиката. Тој апелираше до воениот сојуз предводен од Русија, Организацијата на Договорот за колективна безбедност, за помош во задушувањето на немирите, а Русија се согласи да испрати неодреден број мировници.
Од петте централноазиски републики кои стекнаа независност по распадот на Советскиот Сојуз, Казахстан е убедливо најголем и најбогат.
Но, иако природните богатства на Казахстан му помогнаа да негува солидна средна класа, како и значителна група ултра-богати тајкуни, финансиските тешкотии се широко распространети.
Банкарскиот систем стана жртва на длабоки кризи предизвикани од нефункционалните кредити.
Протестот што ја поттикна последната криза се одржа во западниот нафтен град Жанаозен.
Незадоволствата одамна тлееа во областа поради чувството дека енергетските богатства во регионот не се фер распределени.
Кога цените за течниот нафтен гас што повеќето луѓе во областа го користат за напојување на своите автомобили се удвоија во текот на ноќта во саботата, трпението пукна.
Жителите во околните градови брзо се приклучија и за неколку дена големите протести се проширија во остатокот од земјата.
Иако овие национални демонстрации беа невообичаено големи, некои привлекоа повеќе од 10.000 луѓе, што е голем број за Казахстан, не ниту еден човек не се пријави за водич на протестите.
Во поголемиот дел од поновата историја на Казахстан, моќта беше во рацете на поранешниот претседател Нурсултан Назарбаев.
Тоа се смени во 2019 година кога Назарбаев, кој сега има 81 година, се повлече и го донесе долгогодишниот сојузник Токаев за свој наследник.
Во својство на шеф на советот за безбедност што ги надгледува војската и безбедносните служби, Назарбаев продолжи да одржува значително влијание врз земјата.
Токаев во средата објави дека од Назарбаев ја презема функцијата шеф на Советот за безбедност.
Голем дел од гневот прикажан на улиците во последните денови не беше насочен кон Токаев, туку кон Назарбаев, кој сè уште се смета за крајниот владетел на земјата.
Слоганот „Шал кет!“ („Старецу оди си“) стана главен слоган на протестите во Казахстан.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека во немирите биле убиени 26 „вооружени криминалци“, а 18 се ранети.
Казахстанските власти, исто така, соопштија дека се убиени 18 полицајци, а 748 други се ранети.
Токаев апелираше за помош од Организацијата на Договорот за колективна безбедност, воена алијанса предводена од Москва.
Тој го оправда апелот за надворешна интервенција со тврдењето дека демонстрантите дејствувале по налог на „меѓународни терористички групи“.
Изливот на нестабилност предизвикува значителна загриженост кај двата моќни соседи на Казахстан: Русија и Кина.
Земјата го продава најголемиот дел од извозот на нафта во Кина и е клучен стратешки сојузник на Москва.
Земјата претходно доживеа големи демонстрации во 2016 година, по усвојувањето на спорниот закон за земјиште, како и во 2019 година, по спорните избори што му обезбедија на Токаев да остане на власт. Но, овие немири не доведоа до никакви промени.
Во еден од неговите апели до јавноста Токаев вети дека ќе продолжи со реформите и навести дека можеби е можна политичка либерализација.
Меѓутоа, неговите помрачни забелешки кон крајот на денот сугерираа дека тој наместо тоа ќе тргне по нелиберален пат.
Сепак, бидејќи на уличните протести им недостига фокус, барем засега, тешко е да се види како би можеле да завршат.
Но, дури и ако не успеат да ја соборат владата, изгледа можно тие да доведат до длабока трансформација на Казахстан.
