Докторите од израелскиот медицински центар Шиба утринава беа првите кои ја примија четвртата доза од ковид вакцината. И покрај тоа што Израел се избори со четвртиот бран од корона вирусот, новиот вид – омикрон кој се шири со брзина на светлината повторно ги зголеми бројките на заболени. 150-те доктори кои денеска ја примија четвртата доза од фајзер, третата ја примиле на 20-ти август, а по направените тестирања зклучено е дека антителата што ги имаат не се доволни за борбата со омикорнот.
Па, возбуден сум што ќе бидам првиот човек, очигледно во светот, кој ја доби четвртата засилувачка доза против Ковид. Да парафразирам една стара поговорка – тој мал удар во рамото, веројатно е огромен чекор за човештвото. Ќе покажеме дека овде во Медицинскиот центар Шиба оваа четврта засилувачка доза навистина обезбедува заштита од омикрон, која е многу потребна со оглед на петтиот бран што го доживуваме во моментов, вели Џејкоб Лави, поранешен директор на одделот за трансплантација на срце.
Ова е прва ваква студија во светот. Резултатите ќе бидат готови за неколку дена, а она што е најважно за докторите е дали четвртата доза е безбедна.
Она што планираме да го проучуваме е пред сè, имуногеноста, колкав е имунолошкиот одговор на 150 доброволци, кои доброволно се пријавија да учествуваат, колкав ќе биде нивниот одговор на антителата. Ги проверуваме и антителата и одговорот на Т-клетките, а подоцна и одговорот на Б-клетките. И, се разбира, ја гледаме и безбедноста, вели Џили Регев-Јочај, директор на Одделот за заразни болести во болница Шиба
Според израелските научници постојат малку податоци за тоа дали имунитетот по третата засилувачка доза вакцина опаѓа. Сепак, тврдат дека бројките за инфицирани со омикрон на глобално ниво се ужасно застрашувачки. Велика Британија и Франција неколку дена по ред регистрираат по сто илјади заболени на ден. Утехата според докторите е што омикрон брзо се шири, но е поблаг од делта сојот. Неговите симптоми наликуваат на настинка, па луѓето не внимаваат и го го шират. Има моќ да го пробие вакциналниот имунитет и затоа бустер дозата од вакцината, според докторите, е единствениот излез, за вирусот да ја намали својата сила и да се стави крај на пандемијата.
Алиса Шутиноска
