Во време кога тензиите меѓу Вашингтон и Кремљ достигнаа највисоко ниво по Студената војна, Москва изнесе нови барања и повика на итен дијалог со САД. Од Белата куќа соопштуваат дека се подготвени за разговори но, на маса ќе стават и свои предлози. Додека Москва бара НАТО да запре со проширувањето кон исток, на границата со Украина веќе распореди 100.000 војници.
Русија денеска официјално се повлече од Договорот за отворено небо, јавуваат тамошните медиуми. Одлуката на Москва следува една година откако и САД се повлекоа од овој договор , а европските сојузници одбија да дадат гаранции дека нема на Вашингтон да му ги предадат информациите добиени во текот на летовите во рускиот воздушен простор. Руското министерство за надворешни работи во соопштение објави дека Соединетите држави треба да бидат одговорни за колапсот на договорот.
Овој потег на Москва се случи само еден ден откако Русија побара строги ограничувања на активностите на воената алијанса на НАТО предводена од САД во земјите во Источна Европа. Барањата, кои веројатно нема да бидат исполнети, доаѓаат поради стравувањата на Западот дека Русија планира да ја нападне соседна Украина. Русија во моментов има околу 100.000 војници во близина на границата со Украина што како што велат Соединетите држави може да бидат подготовка за инвазија.
Русија го негира ова, но сака НАТО да ја исклучи можноста Украина и другите земји да се приклучат на Алијансата за да се смири ситуацијата. Токму затоа побараа итни разговори со САД. Вашингтон соопшти дека е отворен за разговори, но дека имаат и свои други причини за загриженост кои ќе бидат стваени на маса. Советникот на Бајден за национална безбедност Џејк Саливан рече дека ќе има реципроцитет на руските барања.
- Бевме јасни како САД и вчера 30 нации на НАТО сојузот имаа јасни изјави кои произлегоа до Северноатланскиот совет, дека сме подготвени за дијалог со Русија. Имавме дијалог со Русија по прашањето за европската безбедност во последните 20 години. Разговаравме со Советскиот сојуз децении предходно. Тоа понекогаш придонесуваше кон напредок, понекогаш не доведуваше во ќорсокак, но ние во суштина сме подготвени за дијалог. Русија сега ги стави на маса своите грижи со американските и со НАТО активностите. Ние ќе ја ставиме на маса нашата загриженост за руските активности за кои сметаме дека им штетат на нашите интереси и вредности. Тоа е основата на реципроцитетот при водењето на каков било дијалог- Џејк Саливан, советник за национална безбедност на САД.
Предлозите, изнесени од руското Министерство за надворешни работи, повикуваат на прекин на проширувањето на НАТО кон исток и ограничувања на воената активност на алијансата во Источна Европа, вклучително и соработката со Украина и Грузија.
Предлозите повторно ќе отворат прашања поврзани со бројни безбедносни потези коишто НАТО ги направи во Источна Европа, како и во поранешните советски држави. Предлозите на Москва доаѓаат во време на тензии меѓу Вашингтон и Кремљ кои достигнаа највисоко ниво по Студената војна.
НАТО алијансата, која првично беше формирана да ја брани Европа од можни закани од поранешниот Советски Сојуз, има свои сили во балтичките републики и во Полска.
Билјана Ставрова
