Uncategorized

Познатиот полски уметник Жмијевски со изложба во МСУ

Во Музејот на современата уметност, утре вечер ќе биде отворена самостојна изложба на реномираниот полски уметник Артур Жмијевски. Изложбата на овој уметник кој важи за еден од најзначајните европски уметници од неговата генерација, е насловена „ Демократии/Реализам“.

На изложбата ќе бидат претставени две видео инсталации, кои се составени од селекција на филмови од неговите капитални дела, инсталациите „Демократии“ ( 2009-2012) и „Реализам“ (2017). Овие два значајни циклуси, иако се создавани независно еден од друг, во просторот на Музејот на современата уметност ќе бидат ставени во специфична директна релација. Силниот контраст помеѓу двата циклуси, на интересен начин открива една чудна комплементарност и длабока поврзаност на нивната содржина.

– Спротивставувањето на овие колекции од подвижни слики, кои се избрани како составен дел од инсталацијата во МСУ-Скопје, како што најдиректно е сугерирано преку насловите, го отвораат пред нашиот поглед просторот помеѓу колективната ефорија и пасивното учество, и одлучната акција и индивидуалното страдање, помеѓу вревата на улиците и плоштадите и тивкиот приватен простор и изолацијата“, вели кураторот Владимир Јанчевски.

Еден од главните фокуси во истражувањето на Жмијевски е врската помеѓу уметничките практики и реалноста, особено политичката реалност во која што се наоѓа некое одредено општество. Иако, важи за еден од најрадикалните уметници, познат по голем број интервенции, делата вклучени во оваа поставка немаат експлицитен критички фокус кон современата реалност, на глобалниот подем на конзервативните наративи, преку камерата овозможува светот да ни биде предочен на најдиректен начин, без режија, без шминка, без коментар. Немаат намера да се допаднат, ниту да фасцинираат, туку да нѐ соочат со реалноста. Ова е прва самостојна изложба на Жмијевски во Скопје, иако ова претставување следува по неговото учество во рамки на меѓународната групна изложба „Сè што ни е заедничко“ која беше отворена во декември 2019 година во МСУ-Скопје, каде што во друштво на најзначајните светски уметници, тој се претстави со своето видео дело „На отворено“.

Артур Жмијевски (1966), е визуелен уметник кој живее и работи во Варшава, автор со богата уметничка кариера, кој е фокусиран на создавање инсталации, составени од фотографија, филм и видео.
Има изложувано на некои од најважните уметнички манифестации, како што се Венециското биенале и Документа во Касел, а бил и куратор на Берлинското Биенале во 2012 година. Негови дела се вклучени во колекциите на некои од најреномираните уметнички институции во светот, како на пример Музејот на модерна уметност во Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, Новата Пинакотека во Минхен…

Освен видео инсталациите, во рамки на изложбата ќе биде издадена и двојазична публикација, во која, покрај осврт кон делата од изложбата, ќе биде објавен и превод на македонски јазик на култниот текст на Жмијевски, „Применета општествена уметност“, од 2007 година. Како негов манифест, овој текст во последната деценија има извршено силно влијание врз разбирањето на ангажираноста и општествената улога на уметноста и е преведен на повеќе светски јазици. Во текот на времетраењето на изложбата ќе бидат организирани и отворени читачки групи во кои ќе се анализира и ќе се дискутира содржината на овој значаен текст.
Изложбата ја организира нашиот Музеј на современата уметност, во соработка со уметникот и Галеријата и фондација „Фоксал“, од Варшава.
Отворањето ќе се одржи со почитување на препораките за заштита од Ковид-19. А, изложбата ќе биде отворена до 30 март следната година.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

Кандидатите на двете најголеми партии во својата кампања само докажуваат дека ќе им бидат продолжена рака, смета Јакимовски

Дејан Дејан

50 години од победата на групата АББА на евровизија

Дејан Дејан

Во Битола започна грчкиот филмски фестивал ,,Киненова”

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе