Неизвесен стартот на скринингот на учениците за Ковид -19. Надлежните не кажуваат зошто сеуште не се прибираат дозволи од родителите за скрининг на нивните деца во училиштата по случаен избор. Додека надлежните си ја префрлаат одговорноста, експертите со реакции дека процесот е погрешно поставен.
Не се знае кога ќе почне скринингот во училиштата за откривање асимптоматски преносители на Ковид- 19. Иако беше најавено за минатата, па одложено за почетокот на оваа работна седмица, надлежните не кажуваат зошто сеуште не почнало контактирањето со родителите за добивање дозвола за нивните деца, кои по случаен избор ќе бидат тестирани за Ковид- 19. Министерката за образование денеска само кусо кажа дека процесот на скрининг е во надлежност на Министерството за здравство.
- Министерството за образование е во координација со Министерството за здравство, кое што е надлежно за координација на овој процес, директно е во негова надлежност. Во моментот кога институциите ќе имаат нови информации, јавноста ќе биде известена- Мила Царовска – Министерка за образование и наука.
А, од Министерството за здравство ја повторуваат изјавата дадена за Телма пред викендот.
- Министерство за здравство: Се работи на креирање примероци во училиштата како и прибирање согласности од родителите односно старателите за тестирање на децата. Трансмисијата во училиштата е многу мала, а со овој скрининг, ќе ја утврдиме состојбата бидејќи многу често децата се и асимптоматски носители. Во скринингот се опфатени 8.200 ученици, а ќе бидат тестирани со брзи антигенски тестови.
Најавениот скрининг на учениците наиде на критики од експертите. Според микробиологот Никола Пановски, поефективно ќе биде доколку се тестираат само учениците кои пројавиле симптоми на Ковид 19, а скринингот по случаен избор да биде за проверка на антитела, кога веќе не се проверуваат сите над 200 илјади ученици во државата, што е скапа солуција.
Сотир Трајков
