200 терминали за гласање со отисок од прст викендов ќе бидат наполнети со фејк податоци. Лажните лични податоци од измислени гласачи имаат само една задача – да послужат за обука на членовите на изборните органи.
Утре се очекува пристигнувањето на првата пратка со овој вид апарати, кои ќе бидат презентирани пред ДИК од страна на стручни лица од „Дермалог“. Потоа, следува обука за ракување со терминалите, по што тоа ќе биде вметнато во планот за едукација на изборните комисии и на избирачките одбори. Државната комисија ќе донесе и посебно упатство за гласање со отпечаток од прст. Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, уверува дека подготовките на изборите, вклучувајќи го и делот за овој нов начин на гласање, течат забрзано и навремено, и треба да обезбеди фер гласачки процес.
До први октомври, ќе пристигнат сите 4 илјади апаратчиња. Договорот во вредност од 11 милиони евра што минатиот месец ДИК го потпиша со германската компанија „Дермалог“, вклучува и софтвер, целосна опрема и сервисирање за период од четири години.
Ова е единствената новина на изборите. Изборниот законик нема да се менува, ниту за внесување на препораките на ОБСЕ ОДИХР. Владата ги предложи во пакет со изборни прагови за независните листи и за избраниот советник, но Собранието не ги разгледа откако пристигнаа голем број амандмани и реакции.
Главна препорака на ОБСЕ ОДИХР е изборните правила да не се менуваат шест месеци пред избори. Идеите за воведување отворени листи и врзување на бројот на потребни потписи за независни кандидатури со одреден процент на запишани гласачи, остануваат за наредните изборни циклуси.
Соња Николовска