Македонската кошаркарска репрезентација ја дели само формалност од пласман во главните квалификации за Светското првенство во 2023 година откако денеска во третото коло на турнирот во Скопје ја совлада Швајцарија со 67-61. Тоа беше реванш на нашите кошаркари за поразот во првото коло од овој ривал.
По три одиграни натпревари на претквалификацискиот турнир во „Јане Сандански“ очигледно е дека првиот натпревар со Швајцарија беше само еден лош ден за нашите кошаркари. По убедливиот триумф против Словачка во второто коло, денеска момците на Драган Бајиќ го потврдија својот квалитет во групата со победата од 67-61 против Швајцарија.
Водевме од стартот на натпреварот до самиот крај. Најдобрата кошарка ја одигравме во втората четвртина па затоа на полувреме имавме водство од 39-26. Во третиот период дојдовме и до највисоките +17 разлика, но Швајцарија не дозволи да го решиме натпреварот уште во раната фаза од натпреварот. Сепак, ривалот немаше сили за пресврт иако успеваше во неколку наврати да се доближи резултатски, нашите кошаркари не ја испуштија победата.
Адеми Мекиќ повторно беше лидер во македонската репрезентација со 16 поени, додека Бојан Трајковски реализираше 15. Џонатан Казади со 15 поени беше најефикасен кај противникот.
Со оваа победа и фактот дека имаме супериорна кош-разлика Македонија ќе биде најмалку втора во групата иако постои и математичка шанса да испаднеме. Утре играат Швајцарија и Словачка, а ние во среда го затвораме турнирот со вториот дуел со Словачка. Ќе треба да загубиме со неверојатна разлика од преку 50 поени за да не одиме понатаму.
Македонската репрезентација за прв пат во историјата ќе игра квалификации за Мундобаскетот, бидејќи за СП во Кина во 2019 година не ја минавме претквалификациската група кога ривали ни беа Косово и Естонија.