Вести Македонија

За институционалните „утки“ со мистеризоното бегство/криење на Сашо Мијалков нема информации ниту во поштенското сандаче на вицепремиерот за борба со корупција

Иако јавниот обвинител откри слабости во постапките на институциите пред кои Сашо Мијалков успеа да се крие два дена, владата и задолжениот за борба против корупција Љупчо Николовски се уште нема информација. Во потрагата по Мијалков кој сам успеа да си дојде во обвинителство по решението за притвор, учествуваше МВР, истражуваше обвинителството, а судот ги определуваше мерките.

-За конкретниот извештај ќе се информирам, па дополнително ќе може да коментирам, истакна потпретседателот на владата Љупчо Николовски на прашање на ТВ Телма.

-По секоја насока треба да се постапува. Ниту планирам ниту смеам ниту сакам во ниту еден случај да коментирам одлуки на суд. Не ги знам деталите, но ќе ги погледнам во целина. Секако треба да биде преземено секое подобрување и решавање на институционални слабости, истакна Николовски кој оцени дека со повеќе започнати постапки за реорганизација, но и со дигитални алатки состојбата треба да се подобрува и да се избегнат грешки предизвикани од човечки фактор.

Обвинителството во соопштението во кое не утврди докази за нечија кривична одговорност ниту пак посочи дека е утврдено бегство, посочи слабости, но не ги „издаде“ институциите.

-Во текот на предистражната постапка, јавниот обвинител констатира слабости во меѓу институционалната и интерната комуникација на надлежните институции,  но во оваа насока, јавниот обвинител смета дека ваквите дејствија немаат кривично-правна импликација од причина што недостасува кривично-правна последица, стои во соопштението на ЈОРМ по предистрагата која ја водеше обвинителката Ленче Ристовска.

Голем дел од податоците во соопштението беа посочени и во реконструкцијата на бегството на Сашо Мијалков, објавена во емисијата КОД на 28-ми февруари.

Полицијата не можеше да го најде Мијалков во неговиот дом (инаку сопственост на контроверзната фирма Ексико) и на 21.02. во недела, за да му го врачи судското решение за определен домашен притвор. Претходно, обвинителката Вилма Русковска алармираше дека има има информации за подготвување на бегство на Мијалков. На последното рочиште од процесот за предметот Тврдина-Таргет, иако обвинителката Ленче Ристовска планирала да побара притвор бидејќи на следното рочиште требаше да се соопшти пресудата и тој може да избега, од повисоките структури на обвинителството оцениле дека нема потреба од такво барање.

Во предистрагата не е насочена кривична одговорност, а вчера Петар Василев, адвокат на Мијалков рече дека сега се гледа дека тој е пратен во притвор за наводно бегство, кое сега со истрага се откри дека не постоело.

Обвинителството утврдило дека најверојатна верзија на настаните е Мијалков да излегол пеш од куќата на задниот влез, додека полициските службеници со притворското решение чекале на предната врата и најверојатно биле задржувани од бодигардите на екс-директорот на УБК:

-Од доказите обезбедени во предистражната постапка како теорија на случај се наметна само теоријата дека С.М. се оддалечил од својот дом во моментот кога полициските службеници се доближиле до неговиот дом и побарале да му врачат решение. Ова меѓу другото, произлегува и од околноста, дека телефонот кој обвинетиот го користел се гаси во истиот момент кога полицијата доаѓа пред неговиот дом. Од тој момент кога полицијата дошла пред домот на обвинетиот , до моментот кога службените лица го пребарале домот, поминале најмалку 45 минути, во кое време имал доволно голема временска рамка да се оддалечи од својот дом, а местоположбата на неговиот дом овозможувала тоа да биде направено незабележано преку задниот излез, движејќи се пеш во реон кој не е обезбеден со безбедносни камери и лоцирајќи се во некој од околните објекти, соопшти обвинителството.

Не е утврдено дека некој пред исчезнувањето на Мијалков го контактирал и предупредил по телефон. Во истрагата биле сослушани вкупно 37 лица, меѓу кои и министрите за правда и внатрешни работи, директорите на АНБ и БЈБ, премиерот, јавниот обвинител на Република Северна Македонија, основната јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и претседателот на Основниот кривичниот суд Скопје.

Мијалков со сопственото предавање по дводневното исчезнување се изборил да не биде гонет за обид за бегство. Не е утврдено како со распишана меѓународна потерница и бројни полициски патроли по Скопје и низ државата, Мијалков успеал од своето засолниште да стигне до обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Тој се пријави во обвинителството само дваесетина минути по прес-конференцијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за бегството, што упатува на заклучокот дека додека траел настапот на министерот, Мијалков веќе тргнувал кон комплексот судови.

Во февруари во емисијата КОД беше објавен одговорот на обвинителството дека Мијалков се пријавил во седиштето на ООГОКК ( обвинителство за гонење организиран криминал и корупција) НЕКОЛКУ МИНУТИ ПО 16 ЧАСОТ. Сега во соопштението по предистрагата водена од Ристовска стои друг податок за тајмингот „обвинетиот и покрај преземените дејствија за негово лоцирање бил недостапен за органите на прогонот, се до 16:55 часот на 23.02 2021 година, кога доброволно се пријавил во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.“ Двете контрадикторни информации доаѓаат од истата институција, од обвинителството.

Од 23-ти февруари Мијалков е во притвор, а досега со неправосилни пресуди е осуден на вкупно 20 години затвор, од кои 12 години се за нелегално масовно прислушување.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ангелов: Стара куќа, обрасната со трева, или борова шума, ќе видиме што ќе биде приоритет

Sasko Dimovski

Судир на ставови за новата дозвола на „Титан УСЈЕ“ – граѓаните со критики, институциите во одбрана

Sasko Dimovski

Се прават пресеци, се гасне на земја и од воздух, една куќа во Бучиште изгоре, неколку се опожарени – беснеат пожари во Штип и Пробиштип

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе