Ковид19 Македонија Најважни

Затворена модуларната болница во Скопје

Празни бараки, наместени кревети и по некое заборавено светло. Модуларната болница во Скопје се затвори по само два месеци работа. Неофицијално, причина е немањето кадар и услови. Официјално, нема пациенти.

Болницата ги прими првите пациенти во средината на октомври и за кратко време беше исполнет капацитетот од 75 места. Требаше да ја заштити Инфективната клиника од преоптовареност, сепак, два месеци подоцна, најголемиот товар продолжи да биде врз оваа клиника и  ковид центрите во останатите клиники. Таму во последните 24 часа се хоспитализирани 52 пациенти, а вкупно се лекуваaт 345  болни од Ковид.

Најмногу, 102 болни се во ГОБ 8 Септември, на Клиниката за инфективни болести лежат 94 пациенти, додека по дваесетина пациенти се лекуваат и на Кожната клиника, неврологија, нефрологија, Клиниката за Очни болести, Гастро и Институтот во Козле.

Кадарот е проблем и со модуларната болница во Струга. Поставен на површина од 600 метри квадратни во кругот на постоечката болница, објектот располага со капацитет од 35 кревети, лабораторија и опрема потребна за лекување на пациенти позитивни на Kовид-19. Доопремувањето на внатрешноста ќе се врши деновиве со што првите пациенти се очекува да бидат примени на средината од овој месец. Но, од Општата болница велат дека недостасува медицински кадар Деновиве и во Куманово, Битола и Гевгелија првивршува поставувањето на модуларните болници иако бројот на примени пациенти е намален

Во болницата во Битола се хоспитализирани 30 пациенти, што е драстично намалување од ноември, кога имаше и по 70 хоспитализации. За 50 проценти е намален бројот на хоспитализации и во тетовско, каде на инфективното одделение сега има 20 пациенти. Но, во Штип тоа не е случај. Таму се примени 55 пациенти, иако амбулантата работи со помал број на прегледи за разлика од претходно.  Во Куманово се лекуваат 80 пациенти, во Охрид 60 пациенти, во Прилеп 69 .

Лекарите тврдат дека  епидемиолошката состојба значително се подобрува во последните четири недели поради зголеменото почитување на мерките за заштита од страна на граѓаните. Сепак, предизвик се празниците деновиве и оние што следат.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе