Свет

Започнаа историските преговори на Авганистанската влада и Талибанците

Завојуваните страни во Авганистан за прв пат во својата историја започнаа денеска мировни преговори, кои се одржуваат во арапската држава Катар.

Ова ќе бидат првите директни преговори меѓу Талибанците и претставниците на авганистанската влада. Милитантите досега одбиваа да разговараат со претставниците на владата, опишувајќи ги како марионети на американците.

Двете страни ќе бараат политичко помирување и крај на повеќедецениското насилство во државата, кое започна со советската инвазија на Авганистан, 1979-тата година.

“Дојдовме во оваа земја да постигнеме достоинствен и долготраен мир. Дојдовме тука со добра волја и намера да им ставиме крај на 40-те години крвопролевање и да постигнеме траен мир во целата земја” – изјави Абдула Абдула, претседавач на високиот совет за помирување во Авганистан.

“Треба да посветиме внимание на доброто на сите а не само на доброто на дел од луѓето. Преговарачкиот процес може да има проблеми, но барањето е преговорите да се одвиваат со многу трпение и промислување и да продолжат со тој вид внимание до крај” – рече Мула Абдула Гани Барадар, претставник на Талибанците  .

На свечената церемонија која го означи почетокот на преговорите, присуствуваше и американскиот државен секретар, Мајк Помпео, бидејќи потрагата по мир во Авганистан е од исклучителна важност и за Соединетите американски држави, кои бараат безбеден излез за своите воени единици и трупите на НАТО распоредени во оваа држава, по речиси 19 години.

Помпео се сретна и со претставниците на Талибанците а на делегатите им порача: Иако мирот не зависи од нас, помошта која ќе ја добиете од САД зависи од одлуките кои ќе ги носите.

“Апелирам до вас, кога ќе ги носите одлуките, да имате предвид дека вашите избори и однесување ќе имаат влијание на големината и видот на идната помош на Соединетите држави. Наша надеж е дека ќе постигнете одржлив мир и нашата цел е да имаме одржливо партнерство со Авганистан” – порача американскиот државен секретар, Мајк Помпео.

Двете страни ќе се обидат да постигнат договор за траен прекин на огнот, за правата на жените и малцинствата и за разоружување на повеќе десетици илјади талибански милитанти, лојални на различни воени команданти.

Меѓу преговарачите на владата има 4 жени, кои ветија дека ќе го заштитат тешко остварениот прогрес за правата на жените во државата во секој иден договор со фундаменталистите. Тоа ги вклучува правото на работа, образование и учество во политичкиот живот, кои не постоеја во 5-те години на владеење на Талибанците во Авганистан. Во делегацијата на Талибанците, нема ниту една жена.

Талибанците беа соборени од власт во 2001-та година од американската воена коалиција, затоа што го штитеа на својата територија Осама бин Ладен, архитектот на терористичките напади од 11-ти септември 2001-ва во Соединетите држави.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Израел извршил нови воздушни напади врз Кан Јунис, Нусејрат и Џабалија

Дејан Дејан

Загинаа 11 лица во руски напад врз областа Харков

Дејан Дејан

По смртта на Раиси иранската влада свика итен состанок- На неговиот профил на Х се објавени стихови од Куранот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе