Свет Топ вести

Половина милион луѓе евакуирани во Орегон заради огромните шумски пожари

Повеќе од 10 % од населението во американската држава Орегон е евакуирано заради големите шумски пожари кои беснеат надвор од контрола. Повеќе од 100 шумски пожари горат во 12 држави од американскиот запад а најтешка е ситуацијата во Орегон, Калифорнија и Вашингтон Стејт. Се зголемува и бројот на загинатите а целосно уништени се и некои помали населени места со стотици куќи.

Повеќе од половина милион луѓе во американската држава Орегон бегаат од шумските пожари кои беснеат надвор од контрола во северозападниот дел од САД, потврдија властите. Според властите во оваа држава, тоа се повеќе од 10% од вкупното население на Орегон, каде според последниот попис живеат повеќе од 4 милиони и 200 илјади луѓе.

Бројот на шумските пожари кои горат истовремено во Орегон, во моментов изнесува 39 а само во текот на минатите 3 дена изгорена е територија од 364 илјади хектари, поголема од сојузната држава Роуд Ајланд и речиси двојно поголема од територијата која типично е уништена од пожарите во текот на една година во Орегон.

Гувернерката на Орегон, Кејт Браун, изјави дека точниот број на жртви засега не е познат а досега се потврдени 4 загинати.

Никогаш не сме виделе волку многу пожари во нашата држава. Знаеме дека има жртви поврзани со пожарите. Штом сме во можност да дадеме сигурни информации, ќе го направиме тоа. Околу 30 до 40 илјади жители на Орегон досега се евакуирани а процесот на евакуација се уште е во тек.

Во моментов, повеќе од 100 шумски пожари горат во 12 држави од американскиот запад. Покрај Орегон, најтешка е ситуацијата во Калифорнија и Вашингтон Стејт, каде се уништени цели помали гратчиња. Изгорени се повеќе од еден милион и 800 илјади хектари површина, територија поголема од американската држава Конектикат и малку помала од Велс.

Ужасно. Никогаш досега не сум видел вакво уништување во мојот живот. Да, тоа се гледа во војните, но не тука. Сега, јас не сум бил во војна, но тоа го гледаме тука. Не знам како ќе успееме лесно да се опоравиме од ова.

Отворија три ленти да си заминеме а имаше и две ленти кон нас, во суштина за итен сообраќај. Сликав и тоа беше само ѕид од чад. Не можев да видам повеќе од тие дрвја таму и си помислив: ”Ова не е добро”. Не верував дека ќе успееме да побегнеме

Шумските пожари предизвикаа и масовни евакуации во предградијата на Портланд, најголемиот град во Орегон. Од густиот чад кој го покри градот, Портланд е сега со најлош квалитет на воздухот, дури пред Џакарта и Делхи.

Луѓето кои се евакуираат, се сместуваат во 19 привремени засолништа во безбедниот дел од државата.

Властите наредија да бидат спроведени и заштитни мерки за спречување на ширењето на Ковид-19, прецизирајќи дека во секој објект во овие центри треба да бидат сместувани максимум по 50 луѓе.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пожарникарите спасиле човек кој паднал во Драгор – можни одрони на патиштата по обилните дождови

Дејан Дејан

Израел извршил нови воздушни напади врз Кан Јунис, Нусејрат и Џабалија

Дејан Дејан

Загинаа 11 лица во руски напад врз областа Харков

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе