Почна да се остварува црното сценарио во текстилниот сектор, за што пред неколку месеци алармираа и од кластерот. Намалените порачки принуди неколку конфекционери во земјава да стават клуч на погоните, а поголемиот дел се одлучија постепено да го намалуваат бројот на вработени. Маријана Перковска од Кластерот за текстил забележува дека ова што сега се случува го најавувале и уште пред три години, бидејќи текстилниот сектор е специфен, а бара и специфична поддршка од државата.
„Не знам дали некоја мерка може да го сопре негативниот тренд во тектилството, но за подобрување на состојбата потребни се брзи мерки. Грантови за модернизирање на производството, подршка за отворање на интернет продажба, олеснување на царинските постапки при извоз во странство и субвенција на плати на вработените“, вели Маријана Перковска, Кластер за текстил.
Во градот на текстилот една конфекција е затворена, а неколку почнаа со намалување на бројот на работници. Кирил Нашков претставник на штипските текстилни компании вели дека моментов е многу тешко во овој сектор, сите бараат решенија , но прогнозира дека намалувањето на работниците ќе биде од 20, а некаде и до 50 %.
Во текстилниот сектор работат 30.000 работници. Оваа гранка има и социјална компонента, бидејќи вработува ниско квалификувана и женска работна сила, со нивното отпуштање се заканува и зголемување на бројот на социјални случаи во државата.
Викторија Јованова