Апанажата за досегашните пратеници, министри и останати функционери, нема да се укине, но Заев ќе им понуди работа во државни институции. Верува дека, на тој начин ќе го сведе на половина бројот на тие кои ќе земаат плата и следната година, а нема да одат на работа.
Премиерот, кој денеска се сретна со Сојузот на стопански комори, не одговори конкретно, дали ќе се продолжи мерката за поддршка на фирмите за исплата на плати на работниците.
За масовните откази кои следеа само еден ден по завршувањето на едномесечниот рок за отпуштања по искористувањето на државната помош, рече дека, деловните луѓе не можат да очекуваат поддршка ако не водат сметка за своите работници. Најави други мерки за заштита на работните места, капитални инвестиции, стабилна даночна политика и намалување на парафискалните давачки за 70%.
Ова е едно од клучните барања и на Сојузот на стопански комори, кои побараа и директна финансиска помош за претпријатијата кои се во тешка состојба и се борат да ја одржат ликвидноста.
За коморите е важно и справувањето со сивата економија со одлучна акција уште во првите месеци од новата Влада. Ако не се реши овој проблем додека трае кризата, велат дека неиздржливоста на состојбите ќе поттикне даночна евазија. Доколку тие кои работат на црно поминуваат неказнети, тоа ќе испрати лоши сигнали за сите граѓани кои се дисциплинирани и плаќаат даноци.Дополнително, велат, посебен акцент треба да се стави на коалициска борба со корупцијата за да нема можност за изигрување на прописите.
Далиборка Демјанска