Свет

Навални пренесен во болница во Берлин, руските доктори негираат дека бил отруен

Рускиот опозициски лидер, Алексеј Навални, во тешка здравствена состојба, беше пренесен денеска во Берлин од болницата во рускиот град Омск, каде ќе биде лекуван.

Навални е во кома откако испил, како што тврдат неговите поддржувачи, чај со засега непознат отров, при што ги обвинуваат властите дека се обидуваат да сокријат кривично дело.

Руските доктори кои го лекуваа Навални во Омск во текот на вчерашниот ден инсистираа дека тој е во премногу тешка состојба за да биде пренесен, но подоцна го променија ставот, оценувајќи дека сепак Навални е во доволно добра состојба за да го поднесе летот. Сепак, претходно потврдија дека се сигурни дека не станува збор за обид за труење на Навални.

“Дијагнозата за труење дефинитивно е отфрлена, врз основа на токсиколошката експертиза. Одредена дијагноза е поставена, која врз основа на своите компликации ја објаснува неговата состојба” – тврди заменик шефот на амбулантната служба во Омск, Анатолиј Калиниченко.

Според руските доктори, тешката состојба на Навални најверојатно е предизвикана од метаболично нарушување , предизвикано од низок шеќер во крвта.

Сепак, оваа 100 процентна сигурност на руските доктори и брзото отфрлање на можноста дека Навални бил отруен, не ја споделуваат странските токсиколошки експерти.

Професорот Алистер Хеј, токсиколог од универзитетот во Лидс, предупредува дека  не може толку едноставно да се отфрли можноста за употреба на отров против Навални.

“Ако се сетиме колку долго беше потребно да се идентификува отровот во случајот на Сергеј и Јулија Скрипал во Салисбури, кога тие беа затруени со отровот Новичок, потребно е подолго време да се отфрли нешто и особено ако е многу токсично, ќе биде во телото во ниска концентрација и обични тестови нема да ја откријат супстанцата. Затоа, целосното отфрлање за 24 часа, јас би бил..хмм, да , јас би сакал и повеќе од второ, дополнително мислење за тоа” – подвлекува Хеј.

Во утринските часови, специјалниот авион за медицинска евакуација, платен од невладината организација “Кино за мир”, слета на аеродромот Тегел во Берлин, по што беше пренесен во болница во главниот град на Германија.

Основачот на оваа невладина организација, активистот и филмси продуцент Јака Бизиљ, за германскиот весник “Билд”, потврдил дека Навални бил во стабилна состојба во текот на летот и по слетувањето а со него била и неговата сопруга Јулија.

Навални и натаму се држи во вештачки предизвикана кома.

Поддржувачите на Навални, познат како најжесток критичар на рускиот претседател, Владимир Путин, обвинуваат дека докторите во сибирскиот град Омск, намерно одолговлекувале со цел да помине време во кое би изчезнале трагите од отровото употребен против опозиционерот.

Навални во текот на својата кариера, откри повеќе коруптивни скандали на властите во Москва а неколку пати беше осудуван и на затворска казна , под различни изговори, меѓу другото обвинуван и дека е странски агент.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Украина ќе може да повикува затвореници во војска

Дејан Дејан

Остин: Претседателот на САД одлучи да се прекине испораката на оружје за Израел

Дејан Дејан

АстраЗенека ги повлекува своите вакцини против коронавирус ширум светот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе