Македонија Топ вести

Иницијаторски „марш“ на Белата палата за оставка од Мицкоски-тој не сака да се занимава со „Мериот“ коалиција. Се јави и Сашо Мијалков

Неколку десетици членови на партијата, се собраа десно од влезот и со нова веќе позната постизборна иницијатива тргнаа кон седиштето.

Прв одеше Ивица Коневски, екс градоначалник на Аеродром, дојде заедно со доскорешната пратеничка Весна Дамчевска Илиевска.

Пред матичната партија дојде и Жика Стојановски, градоначалник на Илинден, втор по Јанчев од 4-те градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ кој застанува зад барањето за оставка на Мицкоски.

Во групата беа и Филип Петровски, Лука Кржаловски од Унијата на млади сили, поранешниот заменик министер Сашо Лазаревски и екс градоначалникот на Бутел Петре Латиновски.

Уште на доаѓањето добија покана да се сретнат со партискиот претседател Христијан Мицкоски со 5-члена делегација, а на партиските парти имаше неколкумина припадници на обезбедување.

-Може претседателот да Ве прими да се сретне со делегација од 5 члена, понуди партискиот портпарол Димитар Арсовски, но доби одговор дека ќе видат после прес- конференција.

Иницијаторите не одговорија за поканата за средба в лице со лидерот, туку пред седиштето му ја пренесоа пораката за оставка и дека „тој што изгубил избори и си ветил оставка поради тоа треба да си замине“.

-Вината повторно може да се префрли, но вистината е една. Вистината е дека најодговорен е тој што го состави тимот, а тоа е господинот претседател Христијан Мицкоски. На Македонија и треба силно ВМРО-ДПМНЕ, а на ВМРО-ДПМНЕ му треба ново и сериозно раководство. На ВМРО-ДПМНЕ не му треба раководство кое денес ќе каже едно, а утре сосема спротивно, истакна Весна Дамчевска Илиевска, поранешна пратеничка и член на партискиот ИК како и членка на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Речиси истовремено преку ФБ се огласи и Сашо Мијалков. Слично бара Мицкоски да си замине затоа што ветил доколку биде поразен и не формира влада.

ФБ Статус на Сашо Мијалков, поранешен директор на УБК и обвинет во Титаник, Тврдина и Трезор (СЈО)

Стотици илјади членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ не заслужуваат да ги води некој што лаже.  Време е за промени. Време е за луѓе кои ќе знаат да заземат став и да го бранат со аргументи.

И додека Илиевска рече дека се среќавала со Мијалков кој според неа со децении се борел и за државата и за партијата, и дека партијата мора да се обедини во победнички тим без сегашниот претседател- групата доби прекар од врвот на Белата Палата.

Ги нарекоа „Мериот коалиција“ по хотелот во сопственост на Мијалков и ги опишаа како „стари и компромитирани транзициски кадри“ кои служат на интересите на Зоран Заев.

Нема да се занимаваме со нив затоа што водиме борба против Заев, е партискиот став кој не беше кажан ниту од Мицкоски ниту од портпаролите туку доставен преку пишано соопштение.

Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ:

ВМРО-ДПМНЕ за разлика од СДСМ е организирана и демократска партија, при што истите ги повикуваме нивната иницијатива да ја достават до партијата и таа ќе биде разгледана од Централниот Комитет на партијата. За ВМРО-ДПМНЕ наместо интригантските игри на „Мериот“ коалицијата која им служи на интересите на Заев, поважна е борбата против катастрофалното управување на државата.

Иницијаторите сметаат дека најдобро е Мицкоски да се повлече сам, а доколку не го стори тоа, тие ќе се обидат статутарно да свикаат вонреден конгрес од две третини на членовите на партискиот конгрес кој пред три години го избра Христијан Мицкоски за прв човек на партијата.

 

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Албанија на второто место во светот по баратели на азил до 18 години на 10.000 жители

Дејан Дејан

Врховниот судија Наќе Георгиев уапсен за вмешаност во поткуп од 10.000 евра во врска со случајот на поранешниот градоначалник на Ново Село кој беше фатен во шверц на марихуана

Дејан Дејан

Седница на Судски совет на полноќ – ќе се одлучува за имунитетот на судијата Наќе Георгиев

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе