Македонија Топ вести

Општина Чаир повторно распишува тендер, сега со повеќе пари за фирмата која би уривала кај Мавровка

Општина Чаир ќе распише нов тендер за уривање на дивоградбата кај Мавровка. Овој пат се предвидени повеќе средства за да се привлечат фирмите кои би ја завршиле работата. Парцелата на која се гради има сопственик и тоа лесно може да се провери на веб сајтот на Катастар но сепак е нејасно дали дивоградбата се наоѓа токму на неа или зафаќа и друга површина. МВР и Обвинителство ја продолжуваат едно и пол месечната потрага по мистериозниот инвеститор и изведувач на градежните работи во центарот на Скопје

Општина Чаир одлучи, повторно ќе распише тендер за уривање на дивоградбата кај Мавровка но и на сите во општината а разликата е што овој пат е предвидена поголема сума на пари со што се надеваат дека овој пат ќе успеат да привлечат барем една фирма која би се нафатила на работата. Оттаму додаваат дека во тендерот нема да има никакви  ограничувања или критериуми и дека ќе го распишат до крајот на работната недела.

Општина Чаир: Согласно извршените консултации и врз основа на Законот за јавните набавки, Општина Чаир пристапува кон зголемување на проценетата вредноста на јавната набавка како единствен можен механизам поради непредвидените настанати околности за поттикнување на учеството на економските оператори во постапката. Согласно одредбите од Законот за јавните набавки ќе се отвори нова постапка за јавна набавка без никакви ограничувачки критериуми.

Парцелата на која што е кафулето Фонтана е со површина од 330 метри квадратни и има сопственик и тоа може да се потврди и на веб страната на Катастар. Меѓутоа, според информациите на Телма, Општина Чаир кон крајот на минатата година му издала имотен лист на скопјанец  и легализирала 260 метри квадратни за изградба на деловен објект на просторот каде што се гради. Но од состојбата на терен не може прецизно да се утврди дали целата дивоградба е на парцелата која што има сопственик а дел од кафулето „Фонтана“ кое не изгоре во пожарот се наоѓа точно зад дивоградбата.

Според официјалните податоци достапни на веб страната на Катастар парцелата има сопственик и имотен лист.

Обвинителството и МВР веќе еден и пол месец трагаат по мистериозниот инвеститор и изведувач, кој триесетина дена ревносно градеше на една од најфреквентните крстосници низ градот.

МВР пред две недели достави извештај од прелиминарната истрага на скопскјата полиција но од Обвинителството веднаш им побараа дополнителна информација. Во петокот министерството соопшти дека  тие постапиле по барањето на обвинителството и ги побарале инфромациите од другите надлежни институции и штом ќе им бидат дадени ќе ги достават во Обвинителството. Дотогаш јавноста ќе чека.

Од министерството за транспорт и врски се прогласија за ненедлежни за случајот и уривањето и нагласија дека не ги одзеле ингеренциите на Општината бидејќи тоа од нив требало да го бара Државниот градежен инспекторат. Оттаму пак се на ставот дека градежниот инспектор на Општина Чаир пред чии очи беше подигната дивоградбата, ги превзел сите законски дејства и нема основ да бараат одземање на ингеренциите.

Деке нешто се подготвува на оваа парцела стана јасно кога вечерта на 30ти март, беше исечено огромното дрво пред кафулето „Фонтана“. Видео камерите на крстосницата помогнаа да се најде фирмата која го исече дрвото и која беше казнета со пет илјади евра. Точно еден месец подоцна, повторно доцна навечер, избувна пожар во кафулето фонтана во кој изгоре терасата. Кратко време потоа почнаа градежните работи а градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу ја убедуваше јавноста дека станува збор за рекострукција на кафулето иако на терен беше очигледно дека станува збор за станбено деловен објект.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Фетаи ќе биде именуван за нов специјален претставник на македонската влада во Брисел

Tea Dimkovska

Полициската ЕБР го промовираше засилувањето – новите припадници ги прикажаа своите вештини

Дејан Дејан

Извештајот на Вајц за Македонија: Јазикот, културата и идентитетот не треба да бидат доведени во прашање од трети страни при процесот на интеграцијата кон ЕУ

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе