Економија

Копач: Поскапувањето на струјата нема да влијае на другите цени, да не се политизираат одлуките на Регулаторот

Покачувањето на цената на електричната енергија нема да се одрази на цените на другите продукти, туку единствено на сметките на граѓаните. На енергетскиот сектор му е потребна визија, а не политизирање на одлуките донесени од независниот регулатор кој работи транспарентно и професионално и кој беше прогласен две години по ред за најдобар меѓу земјите кои ги мониторира Енергетската заедница- смета директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница со седиште во Виена, Јанез Копач

„Задача на Регулаторот е да ги балансира различните и понекогаш спротивставени интереси во енергетскиот сектор, истовремено дејствувајќи независно од Владата и од енергетскиот сектор, додека интерес и обврска на Владата е да обезбеди заштита на потрошувачите и да ги разгледа можностите за да се намали ударот од зголемената цена на електрична енергија за граѓаните кои се директно погодени од корона кризата.“- му кажал  Копач на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски во телефонски разговор.

Како што соопшти РКЕ, Копач во разговорот со Бислимоски порачал и дека државата не треба да ги субвенционира сметките за електрична енергија на највисоко платените менаџери и другите граѓани со високи примања кои, како што оценил, се субвенционирани со нереално ниски цени во моментов.

„Треба да се разгледа можност да се воведе привремена мерка која ќе значи проширување на опфатот на лица кои ќе влезат во групата за субвенционирање сметки со вклучување граѓани кои се директно економски погодени од здравствената криза на пример оние граѓани кои се останати без примања. Но, тоа не значи дека секој треба да добие помош“- истакнал Копач.

Бислимоски и Копач се согласиле дека сигурноста и стабилноста во испораката на електрична енергија е предизвик што пандемијата го наметна за сите економии, посебно за оние кои се енергетски зависни од увоз на електрична енергија, каква што е македонската економија.

„Времето во кое што живееме во 2020 година е посебно предизвикувачко, затоа што ефектите од Ковид 19 на севкупната економија и особено на енергетскиот сектор се големи, така што треба сите ние да се адаптираме на новите услови. Владите мора да ја гарантираат достапноста до струја, вода и гас за секого и да ги разгледаат можностите да им помогнат на граѓаните кои се со ниски примања. Северна Македонија ја имплементираше целокупната потребана легислатива и го реформираше електро-енергетскиот сектор во согласност со третиот енергетски пакет. Националната легислатива опфаќа и правила кои се однесуваат на енергетска сиромаштија во која се дава можност на државата да субвенционира дел од сметките за струја за најранливите категории“- рекол Копач.

Бислимоски го информирал за состојбата во енергетскиот сектор и предизвиците во време на КОВИД-19 со цел да се обезбеди непречено снабдување со електрична енергија.

„Енергетскиот сектор покажа отпорност во време на пандемија и кога во државата беше прогласена вонредна состојба испораката на енергенси остана гарантирана. Граѓаните не беа исклучувани поради неплатени сметки за електрична енергија, а токму овие режиски трошоци во време на вонредната состојба најранливите категории на потрошувачи можеа да ги плаќаат на рати без камати. Сето ова беше возможно поради стабилната финансиска состојба и здравите инвестициски политики на сите енергетски компании“ рекол Бислимоски во телефонскиот разговор со Копач.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Цената на струјата ќе се намали, ако стигне понуда за поевтин мегават од сегашните 58 евра на ЕСМ

Дејан Дејан

Нови намалени цени на горивата од полноќ

Дејан Дејан

Во одредени професии недостигаат кадри

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе