Пропадна Еуростандард банка, чиј мнозински акционер е бизнисменот Трифун Костовски. Народната банка и ја одзеде дозволата и утре од судот ќе побара стечај за банката. Гувернерката Бежоска уверува дека се направени максимални напори таа да не се затвори, но кредитните загуби биле преголеми. Банката издавала кредити без соодветно покритие. Уверува дека нема место за паника, и дека банкарскиот сектор во земјава е стабилен.
Во наредните 20 дена на 136. 619 штедачи треба да им бидат исплатени речиси 72 милиони евра кои ги чувале во банката.Фондот за осигурување на депозити ги обештетува во полн износ тие кои имале заштеда до 30.000 евра. Тоа се 99,4 проценти од сите депозити. Останатите 780 депоненти кои имале поголеми износи ќе треба остатокот да си го бараат од стечајната маса.
Гувернерката се надева дека и стечајниот управник и другите банки ќе им излезат во пресрет на граѓаните кои имале кредити во банката, бидејќи според закон тие ќе треба да ја исплатат целата сума веднаш.
Уплатните места во Макдонски пошти кои ги држеше Еуростандард банка нема да работат со платен промет, се додека Пошти не склучи договор со друга банка. Не се знае судбината ниту на 170 вработени во Банката.
Бежоска уверува дека ова нема да предизвика никакви потреси во банкарскиот сектор, бидејќи Еуростандард е мала банка и во вкупниот банкарски сектор учествува со 1,3 и 1,7 проценти од вкупните депозити и кредити. Попладнево се јави и Трифун Констовски, кој за медиумите изјави дека се огорчени од двојната игра што цела година ја играла НБМ со банката. Најави прес конференција за петок.
Александра Филиповска