Вести Свет

25 години од масакрот во Сребреница

Пред 25 години, повеќе од 8000 мажи и момчиња бошњаци беа брутално егзекутирани во рок од 10 дена во Сребреница откако овој град беше заземен од страна на армијата на босанските срби на 11-ти јули 1995-тата година.

Светската организација ја прогласи Сребреница за енклава под заштита на Обединетите Нации, но тоа не ги запре војниците на Ратко Младиќ да го напаѓаат градот, кој беше под опсада повеќе години.

Бошњачкото население побара заштита во базата на холандските мировници во градот, но тие не направија ништо да го спречат одвојувањето на машкото население од жените и девојчињата, на кои им се дозволи да заминат на територијата под контрола на тогашната влада на Изетбеговиќ.

Мажите и момчињата беа однесени во логори за воени заробеници каде беа егзекутирани, додека оние кои се обиделе да побегнат во шумите околу градот биле прогонувани и убивани на лице место. Телата на убиените потоа биле фрлани во масовни гробници. Меѓународниот суд за воени злосторства го дефинираше масакрот на повеќе од 8000 луѓе како акт на геноцид со цел да се уништи бошњачкото население во регионот. Посмртните остатоци на убиените досега се откриени во повеќе од 100 масовни гробници а процесот на нивна  идентификација се одвива преку анализа на ДНК.

Секоја година од минатиот четврт век, на годишнината од масакрот, во Сребреница се погребуваат посмртните остатоци на жртвите, во меморијалниот центар , спроти базата на холандските мировници , каде за последен пат биле видени живи.

Трибуналот во Хаг за вмешаност во геноцидот во Сребреница осуди 6 луѓе, вклучувајќи го и поранешниот лидер на босанските срби, Радован Караџиќ, кој првично беше осуден на 40 години затвор а минатата година казната беше зголемена на доживотен затвор.

Повеќе од 1000 луѓе се уште се водат како исчезнати, бидејќи нивните тела никогаш не биле пронајдени.

Светските лидери денеска едногласно порачаа дека злосторствата од Сребреница не смеат никогаш да се заборават.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

Која е опасноста од никотинските кесички кои се популарни меѓу тинејџерите кои слободно може да ги купат во трафика?

Дејан Дејан

Се чекаат ДНК-анализите – ќе бидат клучни за истрагата, по убиството на лекарот во Железара

Desk

Собранието го извиси народниот правобранител- не ги изгласа законски измени за поголеми ингеренции и финансиска независност

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе